You are currently viewing ЕДНО ВИДУВАЊЕ, ЕДЕН ВЕК

ЕДНО ВИДУВАЊЕ, ЕДЕН ВЕК

Линијата на танчарот зрачи со исклучителна експресија на миговното и вечното. Видливата сила на движењето како непобитна состојба на сцената, но во насока на конструктивното градење на четиво за стручно писмените, но и за останатите љубители на истото. Рацете маестрално исползувани благодарение на подготвените тела и нивната вештост, но во насока на што? Дали нивната беспрекорност во идеалниот миг значи истовремено и совршена замисла на приказната која како да блеска длабоко зад кулисите, во главата на креаторот и ништо повеќе.  Невидливата гласност на делото би требало во својот блесок да стаса и до умот на присутниот, во случајов гладниот за уметност. Но, тој дезориентирано станува од сината неудобност на проверено кривиот рбет. Самата збунетост кај гледачот се јавува како лепенка на непознат колаж, во секоја боја од виножитото, впрочем без неговото присуство. Само тек, без одѕив.

Интертекстуалност присутна во секое сценско јавување, како потсетување за поставените златни наслови на добрите времиња во театарот. Секој телесен текст како претекст на секој друг, истории кои не треба да се заборават. Ете така може да се наслови мигот на гласната модерност на делото.

Преубави тела, вајани сенки на хоризонтот на бесконечноста која притаено ја краде младоста на тие кои треба да блеснат. Мислата дека зрелоста дава право да погазува полетност, е погрешна и нималку непривлечна за следбениците. Наклонетост не се добива со себична грмотевица на малото тело, но со широка длабочина на невидливата душа.

И повторно дали дебелата политика прави толку голема сенка за јарболот на слободната игра на учесниците, и тие кои танцуваат и тие кои сонуваат? Дали изборот е навистина слободен кога пазарот спие во една утописка несовршеност на творење, на вредности без вредност, на мелодичност без музика. Менито е подготвено, драги пријатели, но не секој има стомак да го вари. Може да се потруди заради славата на добрите денови.

А во таа чест, една желба…една носталгија за единството низ очите на дете кое тивко почнуваше да ја разбира жртвата на уметникот во гледалиштето за време на подготовката на легендарниот балет Легенда за љубовта, во време кога се подгреваше моралот и вкусот (за кој не се расправаше, но беше таму, постоеше).

Buy Me a Coffee