Јоана Шишкова

која сум?

Искрено тоа е загатка која и јас се трудам да ја решам и мислам дека слоевитоста на ликот е бескрајна и динамична. Низ секој текст по една буква ќе откриваме заедно. Едно знам, луѓето се мојата љубов и инспирација за овој сценски скок.

Убавината на човечката посебност тлее низ цртите на една духовна делотворност, харизматичност и способност за сочувствување. На таквата блага емотивна клима припаѓа и мојата духовна способност за создавање на еден уметнички вакуум, интимен и интересен. Заради лудилото на модерното секојдневие, мастилната игра најчесто го анимира немирниот ум, во мојот случај.

Истражувањето на ситуациите, состојбите и импулсите на надворешно и внатрешно дејствување секогаш важеле за искрени потпалувачи на имагинацијата. Политичката незаинтересираност и транзициската бескрајност остави трајни последици на мојата генерација која се распушти пред да се издигне. На колена, младината ја пронајде среќата надвор од своите огништа.

Веројатно тоа беа денови на оладени соништа кои сеуште чувствувам талкаат низ ветерот на нашиот прашлив град. Моето Скопје, градот на младешкиот порив, јас го љубев страдално, а и тој ме заштитуваше со својата аура.

Ослободена од едноличниот ритам, растев во семејство на уметнички ентузијасти, кои без запирки создаваа во име на културниот подем. Вкалапен и несекојдневен детски танц кој сонуваше на сцената на Македонскиот театар. И научив да го почитувам тој голем сценски занес, и да молчам, и да замолчам пред умноста на креацијата.

Мислам дека таа ненаситна средина на семејна плодност ми постави крилја на слободата која не познава ограничувања на .

Од големите умови на немирен боемски живот, машката страна ги исполни квотите на пребрза животна трка додека женската страна, софистицирано и нежно, правилата на редовен семеен живот. Некаде насреде движев јас како носечка греда на семејното стебло среде (не)стабилниот контекст на општествена анемичност.

Инаку длабок љубител на балетот, на алтернативната музика, стилската удобност, социјалната опуштеност и космополитската глокалност на тлото . Едноставно љубовна атмосфера, од луѓе за луѓе.

За бакнежот, и тлото ми се припои срцето. Убавата топлина среде Скопје, стана необременет збор кој го плакне умот на уморниот асфалт. Ќе ме пронајдеш кај прегратката, прошепоти мислата. Тоа е веројатно местото на следната средба, низ напишаните престрелки.

театар, љубов моја!

За едно време, за едни луѓе и еден театар. За домот на моето културно издигнување. Во кафетеријата на корнерот на црковното седиште во мојот град, се обидувам да се присетам на личните почетоци на љубовното истражување на театарскиот живот. Всушност не говорам за неговото градење ниту презентирање, но јавното издигнување зашто не е само да се родиш, но да се одржиш и претставиш во украсна лика.

Од овој агол, на тивок учесник, ги познавам високите и ниските пресвртници на активен уметнички глас, кој последните години како да се стишува среде бркотници на неговиот оскуден друштвен живот. Но, јас не сум тука да критикувам, но да го љубам со закрилата на бесмртната парола, дека сè што паднало мора и да стане, а тој што твори, да твори уште посилно.

Пред очите, ми тече силно сината боја на неудобни столчиња и трката по студените коридори на задсценските криенки на детска несмасност кога светот го носевме во дланките на бескрајни соништа. На сцената истовремено се создаваше новата уметност, бликаше кореографската креативност, танцуваше балетскиот ансамбл, растеше притисокот од очекувањата на новата премиера. Се слушаа извици на строгиот театарски кадар кој се грижеше татковски за својата сценска куќа и кој заеднички ги делеше победите со својот колектив. Сите беа едно и сите беа заедно ВО и ЗА УМЕТНОСТА.

Тоа познание секогаш предизвикува сјај во погледот на едно театарско дете. Таа топлина собрана низ годините на театарски седенки постави боемска палета на отворени гледишта за разбирање и соживот. И никогаш сивото секојдневие не успеа да ја згасне искрата на бунтовната свеченост на можностите.

Бескрајот на нашите човечки посебности, кои како да немаат почеток ниту крај доколку соодветно се негуваат, во духот на здравата изразност.

Јоана Шишкова
Јоана Шишкова

нашето скопје

Градот на топлиот југ, на гулаби и гаврани, на бело-сиви денови хронолошки грмотевици. Обвиен во сончева пролет со мирисна липа, зелени костени и стари пост-комунистички дрва на длабоки сенки кои сведочат за едно убаво и безгрижно детство.

Градот на кафеџии и „small talks“ седенки, естетски стокмени кафе корнери и ресторани со богата гурманска разонода.

Град на неодржливи политики за здрава и одговорна средина, на подмитени самобендисани јавни ликови и искубани зелени површини кои најчесто ги засенува насмевката на обичниот човек, човек во зрели години кој на своите плешки ја носи носталгијата на старото Скопје, на едноставни големини и уреден јавен живот.

Но како и сè во животот, новото време значеше и нови предизвици кои светот несвесно ги сервираше како ветерот црвениот песок од Сахара кој ги покриваше колите среде врелото полупразно лето, и дозволуваше еден вид луксуз до школските септемвриски денови да уживаме во воспитан сообраќаен ред на улиците, ретки колони на забревтани турканици и најпосле ноќните прошетки по кејот на Вардар. Наполу осветлени сонливи сокаци нудеа љубовни средби и тивки разговори длабоко во ноќта низ полните кафулиња на врела енергија и занесен транс.

И сиот живот, и животот во нашиот град беше воден од љубовта кон подобро утре, иако дрвата на надежта и верата дремеа во златокоса исушена состојба среде натрупаните островчиња на водниот тек. Но беше наше, и беше познато и покрај старите железни чудовишта кои закотвени лежеа во пустиот тек на дрвен нанос од гранки и нечиста совест.

А да не зборувам за крстопатот на скриени страсти, на лични деца кои ги носеа гените од убави луѓе, кои подаваа рака и се пресретнуваа на почвата на другарството, на братството и единството, на петокраките, сините униформи и црвените марами, на топлата ужинка и кикот на големите одмори.

Колективен рај беше тоа, за очи и дух, на здрави поединци и хранливи навики, згодни тела и примамливи умови, и се надевам дека сè уште тече таа генетска нишка низ крвта на нашата иднина во овие несигурни времиња.

За да постоиме и опстоиме, како мало парченце земја, на непокорен зелен пиреј и неуништлив креативен инкубатор на уметници и интелектуалци, на столбици и издржани карактери.

насмевката

Окото на мојот град се капеше во отсјајот на минатото, во тишина и непријатен сомнеж, но само за да се изроди низ новата детска игра вгнездена таму некаде, зад хоризонтот.

Таму допираше мојата свест. Таму гореше надежта на големото утро. На секое утро кое го слави животот.

Зашто таму сјае насмевката и без неа несмееме да го напуштиме домот, како наметка сјајна, како украс на ликот, како кикот кој танцува крај водата на последните летни жештини, и се подготвува да ја вкуси златната тупаница.

Градски парк