You are currently viewing КРАТКА СРЕДБА СО ТЕЛОТО ВО НОВИОТ СВЕТ НА НОМАДСТВО

КРАТКА СРЕДБА СО ТЕЛОТО ВО НОВИОТ СВЕТ НА НОМАДСТВО

За многу автори, телото било слика на самата култура како континуиран потсетник за видливото и можното во средината, „работите се екстензии на телото и телото е екстензија на светот“ и во таа насока сме обврзани да ги носиме во сопственото тело, барањата и потребите на Другоста. Од друга страна, конструкцијата на машко-женските тела како и телесната анатомија на женското тело секогаш предизвикувале интерес низ научните кругови како израз на единствено човештво кое постои само со нужна хиерархија на појавите. Ваквата состојба секогаш ја поврзувала жената со идејата за природен чувар на семејството додека машкото тело ги надминало своите лимити заради остварување висок бенефит на умот. Всушност бесконечни биле преговорите околу телото и неговиот облик, боја и големина. Културните студии следејќи ја ничеoвската традиција се фокусираат на тренирање и дисциплинирање, канализирање и градење, модифицирање и вајање на активното, комуникативно тело како и на пасивното, стигматизираното и повредено тело преку различни режими на институционална моќ.

Телото во себе ги содржи и времето, и просторот, приказната, движењето, емоцијата и формата. Меморијата на минати и идни созданија лежат во неговите тајни одаи и потенцијал да се раскаже цртежот на животниот импулс. Невербалната достојност на телесната линија ги истражува мемориските траги на изведувачкиот циклус на претставување историски, социјални и културни слоеви на едно плодно тло. Целата свеченост на градењето на еден народ и сите негови обележја се исцртани на телото, и општествено и индивидуално. Неговата постојана експонираност на сопствените и туѓите временски прилики дава одредени црти на телесниот изглед, неговиот збор, мирис, вкус, држење и движење. Креативната кореографска нота, само ја зачинува посебноста  на изразот, флуидноста во телесниот говор и композицијата на претставувањето.  Авторот на делото ја осмислува креативната приказна, но телото ја оплеменува со линиите на естетскиот занес и тивката скулптура на мигот, на еден гест и ритам на срцебиење. Во гледалиштето владее емотивен спектакл на доживувања и размена помеѓу телата и нивната интерпретација на уметничкото. Големиот Мејерхолд во својата Биомеханика ќе потенцира дека „Вистината за човечките односи е воспоставена од гестовите, држењето на телото, позите, погледите и тишината. Зборовите сами по себе не можат да изразат ништo. Затоа се создаде нов начин на движење кој живее во новиот театар“.

Телото како алфа и омега на нашиот почеток, на растот, развојот и созревањето, треба да се негува будно и да не се вулгаризира домот на нашиот привремен престој зашто здравиот дух пребива единствено во здраво тело и обратно.  Тоа е алатката за ефикасно културно збогатување по пат на мешање, една нова „меѓутелесност“ во интеркултурниот свет на комуникации според Патрик Павис.  Новите општества на слушање и гледање, го поставуваат телото на место на кое се испреплетуваат природата и културата и како такво стои подготвено за театарскиот подвиг во новиот свет „без корења“, свет на номадство и бездомништво.

Buy Me a Coffee