You are currently viewing ФЛУИДНИ РАЗМИСЛИ ЗА МЕЧТАТА

ФЛУИДНИ РАЗМИСЛИ ЗА МЕЧТАТА

Уметноста и уметничките форми потребни во размената –  мотивираат, менуваат, промовираат и едуцираат за заеднички напредок и силна методолошка слобода и способност во освојување на човековото битие.  Според Хјум, силните чувства, сплотени да истенчат сетило, подобрени со ментално, чувствено вежбање и ослободени од сите предрасуди можат да доведат до чист суд, таков кој прилега на менталната софистицираност на гледачот способен да го восприема секој елемент од композицијата на уметничкото дело …

 Борхес вели дека овековечениот човек во егзил се присетува на среќните можности, а споменот живее во безвременото. Се собираат среќите од едно минато во една единствена слика, различните црвени залези во сеќавањето стануваат само еден залез. Стилот на желбата е вечноста. И гледано во таа насока,  театарските претстави  се всушност само една во умот, но љубовта за нив е вечен двигател, разгорена желба за сценски видувања. Во литературата се закрепнува верувањето, а во играта зацелува душата низ виртуелниот простор на неминливоста, во едно универзално гледалиште каде се е видено, чуено, запишано, протолкувано, и каде е создаден бесконечен каталог на движења, ритми, чувства, позиции, карактери. Постмодерната и бара таков пристап на интертексуалност, плуралност, мрежоликост и стои во постојан копнеж и мечта, пркосејќи на новото и модерното заради неговата привременост и редефиниција. Новоста значи губење граници, облици, дискурси за сметка на еден флуиден простор на слободни културни идентитети. И убавината и уметноста го носат својот опстанок низ одаите на транзицијата, како искушение на креативниот чин зашто транзицијата стана обележје на една цела генерација, стана судбина на непостојаност. И иако вечното враќање врз линолеумот значи одново и одново поставување на разновидни кореографски дела, уморни нозе и ведри лица, значи сонување сон кој ја носи вечноста на своите плешки, во новата геопоетика на глобални концепти каде светот е нашиот дом, а во мојот случај, сцената е нашето прибежиште или подобро огниште за грамадни мечти.

Buy Me a Coffee