Carpe diem, но со чест и достоинство и со почит кон се наоколу. Живеј ти, човеку, од денес за утре, како што велел Хорациј, но биди исправен високо во своите чисти намери. Биди човек во вистинска смисла на зборот и оправдај ја својата разумна страна на промисла и дејство. Во спротивно, потребен ќе биде само еден ремен за да не потсети на тренингот, за борба, да не речам за булинг. Од малечки нозе, предатори на своите собраќа, девијација од големи кон мали, или од екраните на супер груба игра. Но, за четири дена или за четири милиони години нема ни да постои човечката свест која полека самата себе се јаде. Сфатливо е дека светот постои сам по себе, надвор од нас, и што со борбата за апсолутната власт над другиот? За каде сето тоа? За некое посебно топло и раскошно место за кое дел од нас, не знаат? Можеби е амбисот, но тоа ќе мора да се испита кога ќе дојде времето.
И да се развие постојан или привремен морал, за да бидеме спомнати во човековите денови на земјата. И модерното беснило е ирационално, и е од друг свет, нека не не лаже жолтото злато, и обилното стомакоугодие. Не е вистина. „И ајде да го живееме овој минлив живот, ако нема друг“, со воспоставување мир меѓу умот и срцето.
„О, роде неверен!“ – беше запишано при создавањето од Единствениот и така беше и така остана, сега повеќе од било кога. И кога е во прашање човечкиот род, во прашање е финалноста на нашата култура, зашто јас сум еден, но сите останати се другите јас. Реалноста е дотолку изместена, што се почесто се засолнуваме во фантазијата која ги раскинува синџирите на разумот комплициран и најчесто фрла разочарување како кај Леопарди во Химната за дивиот петел кој не успеал да поверува: „Ќе дојде денот“ вели тој, „кога светот и природата ќе згаснат. И како што од големите човечки кралства и царства и од прекрасните дела кои беа познати во оние времиња денеска не останале ни трага ни глас, исто така нема да остане трага ни од целиот свет, ни од постојаните промени, и незгодно создадените нешта, туку тишината и длабокиот мир ќе го исполнуваат огромниот простор. И така една прекрасна и страшна тајна на општото постоење ќе згасне и ќе се загуби пред да се открие и пред да биде сфатена.“
Дали да сонуваме за евтопија или да останеме на ниво на контролирано планирање за чистење забен камен? Можеби тоа е плафонот на нашето „големо“ постоење. Убави, „скоцкани“ и малодушни. Света тројка на секое „модерно“ чедо.
