You are currently viewing Крилести одаи – царство на движечки мисли

Крилести одаи – царство на движечки мисли

 Во време на превирања и отуѓеност на човекот и неговата суштина се случува една перманентна потрага по смислата и стабилноста на состојбите на креативноста. Рене Декарт ќе рече „Мислам значи постојам“, царството на мисли е царство на слобода или во мојот случај царството на зборови е царство на бескрајна креација и апсолутна слобода.

Морам да се согласам со Умберто Еко и уметничкото дело во ерата на комуникациите, во насока на тоа дека секое уметничко дело е отворено за нас и е подложно на  бескраен број на интерпретации и читања согласно ученоста на реципиентот. Всушност секој текст е претекст или интертекст на некој друг текст, и на тие извори неможе да им се влезе во трагата, но настанува една дисеминација (според Дерида) или движечка моќ на текстот кој е непостојан и жив извор на безброј значења, експлозија. Книгата не е готов завршен производ, но е текст кој остава простор за милион креативни размисли и преводи. Таква креативна бесконечност на интерпретации дозволува и секоја форма на поезија која како да се прелива во сите познати и непознати текстови во историското градење на световноста. Но, колку и да се интерпретациите бесконечни, сепак во очите на Шилер уметноста е поле на естетската утопија и наjхармоничното идеално место за меѓусебно разбирање на луѓето.

Втората книга поезија е една тематика поврзана со личното патување на една човекова душа и сите етапи на духовно созревање на единката која е социјално условена од правилата и прописите на прифатливото однесување на Другиот, а за кои длабоко верувам во една фројдовска смисла дека е тоа подрзабира кршење на правилата и прописите на еден затворски живот и конечно слободно поимање на вистината. Составена е од три поглавја, делови кои соодвествуваат на пеколот, чистилиштето и рајот во една Дантеова смисла. Зашто се додека сме ова обвиени во земјината кора, ние секако ќе трагаме и по непоимливата светлина на Божјото создание.

Тргнувајќи од земното безредие, првиот дел Падот на градот настанува пред очите на жителот, космополитска контаминација на битноста на нештата. Можеби во овој дел најблиску го  претставувам Лакримариј шишенце полно љубов, солзи, бол, порака со илјада поетски значења. Втората фаза е помирување на страстите, една катарза на естетско прочистување на духот кој како предуслов не носи до портите на Крилестите одаи во кои пребиваат сите и СЕ. Тоа е топлата одаја на светлината во која душата ги ужива благодетите на заслужениот спокој. Тематска целина која спокојно не движи низ состојбите на поетското градиво впиено со духовните очи на личната борба за морален опстанок. Варијација на текстуална обоеност на изразот зависи од фазата во која пребива читањето. Од една жестокост до успокојување и радосно враќање на духовниот елан и смислата на постоење. Конечно разбирање на Сизифовите маки во  поместување на каменот и победата на Животот над Смртта и Адот.

Buy Me a Coffee