You are currently viewing РАЃАЊЕТО НА СОНЦЕТО

РАЃАЊЕТО НА СОНЦЕТО

Дали во моите чувства се мешаше и некаква меланхолија, на наместени емоции и ситуации? Во сомнеж помеѓу крошните на дневната рутина, барав објаснувања кои реално ништо не објаснуваа само привремено ја смируваа збунетата бркотница на мисли. Во градска одежда на велосипед, шетаа димензиите на човечките искушенија кои како големи плодни јами ги пумпаа апетитите на секогаш гладните егоисти за повеќе, поголемо и пославно. Пишаниот збор одамна не беше во мода, но моите морални, емотивни и телесни страсти беа приклонето врзани за мастилото на слатка игра. Хранливата вкусност на писанието ја зголемуваше желбата да се пренесе страсната заразност на новиот бран сладокусци кои стануваа презаситени од ноншалантна консумација на пазарни глупости. Малкумина, но присутни и молчешкум во корнерот на градот во исчекување на следниот  текст за последните денови на изгрејсонцето. И едните и другите гладни за сончевиот зрак како насмевка, надеж или прегратка, но до мигот додека се расчисти збунетата страсност, го имаме секогаш Хемингвеј кој и самиот го овековечил изгрејсонцето на новата надеж. Во љубов со книгите додека не се вратиме кон Човекот. Кон суштинската вистина на чувството, без пазарна вредност и естетска корекција. Само чувство, чисто и исконско, како раѓањето на сонцето.

Buy Me a Coffee