You are currently viewing ХОРИЗОНТИТЕ НА СВЕТОТ

ХОРИЗОНТИТЕ НА СВЕТОТ

Кога ќе намине загубата, а наминува се почесто, дали растеме во личниот повик за подлабока истрајност и суштественост? Дали ги нијансираме злите испади на само горделивост? Дали ги поткопуваме идентитетските темели во обид да ги оствариме аспирациите на големите замисли? Впрочем кои се големите замисли? Дали се тоа некакви наративи или камени џинови или простум човекот е најголемата замисла за другиот човек? Обично доцна заклучуваме за трошливоста на времето кое со секоја буква на замислата станува се пократко. Свеста го губи својот суверенитет пред загубата на Другиот кој заминува во вечното почивалиште и повеќе не е таа истата славна свест која освојува планини, но таа своите идеи ги гради во еден егзил на креативна тага. Минлив како и времето, но часот, длабок и тежок се засолнува во испитувањето на животната смисла. Идејата за бесконечноста е ЖЕЛБА. Желба за доживотни преплети на лица и ситуации, на бескрајна светлина и леснотија, на топлина и архангелски пораки. Таа бара постојано воздржување на душата пред сите помрачувања, кои алчно јуришаат по изворната добрина на човекот. Но, за да се поврати изворната добрина, мора да се стои на добро познат простор во кој човекот ја познава земјата во нејзината нискост и небото во својата височина. Ги познава границите на физичката реалност, но и сопствената потреба за културна припадност. На соголеност на битието во не историската едноставност која раѓа здраво – морален цивилизациски човек и истиот ја пресретнува загубата без тага зашто ништо не е загубено што не сме го поседувале никогаш. Минливоста и привременото вдомување не даваат за право да тонеме во тагата, но да станеме ликови кои исправено ќе ги смират хоризонтите на светот пред да пристигне часот за „другиот свет“ кога ќе сведочиме за делата облечени во сопствената голотија.    

Buy Me a Coffee