Уморни души. Прегорени сништа. Големо олабавување на мозочниот мускул, побараа стручните лица при прегледот. Си помислив, дали е тоа можно во мојот случај? Родена при септемвриско сонце, на крајот на топлите радости, и на отворено и на затворено, мислител за мали и големи, дали, како, што, зошто? Велат, не требало така, а како поинаку, да гледам на синото како црвено, на злото, како туѓа несреќа? Нема да го делиме чадорот со другарот? Неговата победи нели е и наша – опеваат стиховите на заедништво при психичката борба на уморниот. Секој втор, уморен и во мисловно бесознание. Низ прозорот на подавање ја растураме железната врата на двојни поделби, на расистички двоумења и неразбирливи клоновства за крајот на „нашето“. Време на самотија, досада и празен од – не звучи добро особено кога сакаме да живееме до крајот на животниот час. Одбраните балови за посебните и имотните станаа места на дивјачки танци и групни организации за добар пад во јамата. Народни веселби со ништо „народно“ во нив, освен мизерија. Се живее со брзина на брз воз, при дождливо време и облачно расположение. Изолацијата на човекот во кутија ослободена од литературни вредности и вкусови е главната амбалажа на контролираното општество. Мисли вишок, вкусови вишок, желби вишок, чувство вишок и при одземањето на сета вишок количина останува маса на полжав – бавен, лигав и тивок. Материја со која лесно се работи.
Моите прегорени пипци млитаво мрдаат под масата на повторниот обид за реанимација. Жолтиот фокус на телото ја разместува густината на грбниот нерв како пластелин кој прави слики од обоени форми. Акупунктурата делумно се обидува да заврши работа кај истрошениот примерок, остаток од човек. Во овој случај, ме прогласија за истрошен примерок. Заради маратонот на луѓе и ситуации кои сакам да ги покријам со само две раце и две нозе. Се надевам и на сесија за акупунктура на тагата. Игличка која ја исцелува загубата од громогласните рани на душата. Велат, дали е болно? Јас велам, колку е болна животната загуба на човечноста, како да живееме при таа болка? За веста да биде блага, мора да минеме низ болката, да се вратиме кон човекот на милоста. Да сме сочувствително присутни и благо свесни за се.
За многу години, Благовештение!
