You are currently viewing КАИН, ЗОШТО?

КАИН, ЗОШТО?

Зрелата возраст дозволува едно поинакво доживување на истата улична вознесеност, но со една опсесивна карактеристичност за важноста на важните работи над физичкиот корпус. Маглата која често води низ подолгиот пат крај скратените приоди прави простор во дворот на мајката која нема двор, но е синоним за закрила на неутешниот. Неутешниот е во улогата на жалопојка што пред рака прогнозира за временските услови. И во таа неорганизирана хаотичност и несреденост, просто посакува да ја постеле снагата врз зелената ливада среде бучниот метеж, и тоа насреде зафатениот час кога не е дозволено. Ќе мислат дека е луд, и во простор и во време. Па нека мислат, и кога страда, сам страда, публиката во салонот ја следи играта на лудиот. И во таа сцена создава мал театар, најмал од себе и својата идеја. Сцената светот, публика неброена и лажна. Се поставуваат дела од сите прекрасни и ужасни нешта кои го допираат секого и се случуваат секому и се поистоветува. За оној кој е секогаш зад линијата и не важат нормалните критериуми. Тежината на товарното возило ја притиска судбината на естетскиот квалитет,  било на животна приказна, украсен предмет, или емоција во просторот. Капиталистичката економија во земјата на живите сенки дозволуваат само дела од општествена корист, а за истата одлучува повторно тврдиот капиталист. И тогаш сонувачот прашува: дефинирај корист? Кој ја има, за кого е наменета, како се одвива и споделува, дали е заедничка и општо прифатена? Дали секое дело е корисно по својата естетика или постои и спротивна перспектива на истото?

Нејсе, сакав да кажам, за да биде изгубениот – пронајден од самиот себе мора да е оставен, осамен и уморен од досада. Во тие услови, креативниот дух создава дела кои ги рушат земјините услови за ограниченост иако бегалецот постои на маргините и се движи по работ, тој создава наследство после неговата временска истрошеност. Пред физичката, тој веќе страда од таговна истрошеност и погледи на стрелба. Празни и осудувачки.

Стрелај, Каин, ти веќе го предаде својот брат и со него, браќата на другите луѓе. Сцената почнува да бара пот, крв и солзи. Сценографијата ја знаете, вообичаената, простодушна и пролетно свежа. Светли, топло сонце, под твојот зрак, тепаните тепаат. Виновни жртви, тоа сме сите.

Buy Me a Coffee