You are currently viewing 67 ОБИДИ ЗА СРЕЌА

67 ОБИДИ ЗА СРЕЌА

Се распнува другарот. Се растура трпезата. Свесно или несвесно?

Дали личните побуди се будни во оваа морална хибернација? – или ја олеснуваме тежината од својот грб со тоа што го товариме „магарето“ до нас под паролата на заедништво и почит. Едниот налево, другиот надесно и во одлуки и во дела, често! Желбата за менливи навики го бои домот на другарите, ги бои игралиштата на нечистиот град, ја бои сцената на политички грабежи. Но, тоа е работа на желбата. А, една желба го облекува светот во ново руво.

Денес, носиме одежди од втора рака, оние кои не бараат иновација. Иако се од најдобрите брендови, ние сме униформирана војска на непросветеност. Шаблонот е еден и за сите. И со агресивниот глад за физичкото, ја гасиме генијалноста на природниот дар. Неподвижни се нашите идеи, лежат на места недостапни за меморијата. И по скалите на детските бркотници, се симнуваме до салонот за дневниот престој во кој силната дрвена маса зјае украсена со мали непотребни додатоци на естетски пикантерии, благо-солени пакувани грицки, несвојствени за поднебјето на домашна кујна. Но, жив човек нема, соговорник, никако. Една зрела госпоѓа во својата удобност, најчесто баба во слободното време. Поглед прекрасен, квадратура заведена, сигурност во 67 метри градежен рај. Тука човекот е безбедно сам и осамен. Токму во ова предворје на животот, влегува добриот збор, и бои.  Тера на далекусежни размисли на духот и телото и длабоко умување за почетокот кој е крај и обратно. Ништо не завршува, напротив започнува кога ќе одлучиме да започне. Промената на живото истражување на крстоносниот пат.  Патници, по патот за небесна плата.

Во меѓувреме, човечката маса да се обиде да не се распнува самата себе, за да не го изгубиме ентузијазмот на земниот марш. Но, да се обидува и да се обидува, и да се обидува…

Buy Me a Coffee