You are currently viewing КОНТРАПУНКТ

КОНТРАПУНКТ

Често ги замислувам книжевните кафеани во кои се раѓале приказни и го држеле животот буден. Адресирани до светските семејства за постојана анимација. Сонувале низ дискутабилна и задимена борба на разменети зборови и идеи. Мрачни, безнадежни и со низа побарувања во својот нарав, тие се денес светлата точка на нашиот номадски пат. Без врзувања, без ремени и влакна на јазикот. Прашањето е дали е можно народната веселба да се потхранува со сериозна литература покрај рингишпилите и празните пивски шишиња? Во тревата покрај младите вљубени глави да се посади семе на добрите намери, на не-кариеристи и слободни творци? Зошто во таа свежа пролетна трева сиот живот добива боја и мирис на хортензии, доколку имаме среќа. Толку ревносни се сиве мисли кои се обидуваат да го рехабилитираат општеството, и се лесни како пердув во своите заповеди. Но, за да ги чуете мора да молчите и да набљудувате, застанати на место кое ве затекнало.

Од друга страна, на социјалните шанкови се групира мисла, задоена со нешто што не е шарм, но белешка споделена со непознати, на место од градскиот репертоар на актуелности, и е важен дел од ноќта додека не ве послужи келнерот. Пијачка за поткрепа на духот, а богами и муабетот. Но, таму среде метежот отсуствува силната идеја за утрешнината, за револуционерното крепење на мастилото. Муабет кој држи вода точно три и пол минути. Потоа останува само димот на тутунот. Тутуноберачите после празен улов. Нижење во полутемни простории, на бучно клатење раскошен телесен материјал. Портрет насликан од голем сликарски антиталент како мојот, што се вели, со две леви гранки.

И додека жената си ја дотерува својата кошула,  мажот својата, сите трчаат по заслугите на капитализмот со добро име на производител. Но, во недомаќинска куќа, едните ги кодошат другите, и тие кошули со раскошен крој, и тие со тесен пат.

За идеи, книжевност и боемство нека светли Café de Flore. Во него се засолнува мислата при секое следно, неоправдано и неразбирливо кодошење на едно завидливо граѓанство.  

Buy Me a Coffee