Нашите мисли најчесто произлегуваат од нашата болка според Ниче. Од нашата неприродна збунетост, од (не)слободата на читателот, од напливот на метатеориски новини, од преголем фонд знаења и распространета голгота на пребарувачи кои збунето ја решаваат нашата изолираност и несоница. И студениот ум кој не му дозволува на емотивниот внатрешен порив да ја искаже чувствената природа на допирот, седејќи во далечните пештерски одаи полека и сигурно ја ранува жедната душа. Живееме денови на апокалиптички глад по себеси и Другиот. Самотното видување на посебноста во четири ѕида на горделиво бетонирање го отсликува постмодерниот престол на владетелот без право на владеење. На човекот кој ја изгубил едната причина која можеше да ја избави неговата немирна природа само со поглед, само со насмев. На машката сила и детерминираност, на женствената нежност и емотивна глазура, во едно друштво во кое денот започнуваше со добро кафе и топло отпоздравување, во кое твоето го прегрна моето, без збунети ноти на музичка мисла, без страшни сценарија. Едно видување, на минато и иднина, а најмногу од се, на хранлива полезност која дозволуваше бесконечна херменевтика на интерпретациите. Геопоетска љубов на уличните спомени во градот, но и белег на светскиот талас на емотивно потврдување, со Вистината, овде и сега. За жал, никој не поверува во таа хибридна сила, која доведе до лична само преобразба поаѓајќи од љубовта како претпоставка за дијалогот и хедонизмот кон убавата теорија зашто улиците и ликовите не ја негуваа убавината во рамките на нивната посебност, повеќе патуваа по работ на постмодерната растурена празнотија. Младиот човек делумно мораше да се изгуби во нивните очи за да се потврди во сопствените. И да постави рамки во традицијата, во модерната посебност, во хибридноста и во постмодерните текови за да може да ја пренесе насладата на јазикот, богатството на тлото и играта на боемските претходници.
