You are currently viewing ФАНТАСТИЧНА НОРМАЛНОСТ

ФАНТАСТИЧНА НОРМАЛНОСТ

Големите умови најчесто живееле како најобичните луѓе, како големиот Кафка кој создавал отворени записи за секој еден да го истражи сопствениот пат, претпазливо и промислено. Неговиот свет бил театарски свет во кој најважно било секој да се одигра самиот себе и да биде сето она што тврди дека е. Денес тоа е сцена со долга маса гости кои во иднина ќе се придружат на природниот театар или на играта под маски, маскенбал. Насекаде поставени високи пиедестали како небесни скалила, а под нив тагата од очите на децата ја руши целата евтина слика. Дали во големиот град ни е потребен чистиот селски воздух да ја освежи патеката на колективната совест, и доколку не ни е како воопшто можеме да го преживееме самиот воздух или личната лага? Зашто најчесто судиме, без да ни се суди. Сакамe мали или големи зла без да погледнеме во огледалото   на своите одлуки и уште повеќе последиците од последниот суд, како најважен процес на преиспитување. Затоа е неприфатливо да се создаде идол од себеси зашто на крајот секој својот камен го турка по угорнината и станува Сизиф. Поради тоа убавите зборови и дела живеат и го убиваат заборавот во еден неисцрпен меѓу-свет како во приказните на Кафка,  новите ги заменуваат старите, старите пак прастарите и се така во еден постојан креативен процес. Се умножуваат писанијата, мислите, и добродетелите зашто „нормален“ живот кој минува во „потполна среќа“ е приказна за добра ноќ каде сите „овци“ би спиеле мирно после напорниот ден, задоволни од добрата книга во доцниот час. И додека се кроиме во краткоста на животот би можеле да дополниме фантастичност во нашата просто едноставна природа. Би завршиле како Санчо Панса, како слободни луѓе кои го следат Дон Кихот во неговите походи, овозможувајќи си голема и незаборавна забава до крајот на своите денови, без разлика дали сме мирни патници, итри неранимајковци или несмасни помошници.

Buy Me a Coffee