Дали мислата опстојува надвор од мислителот?
Дали живееме во царство на една мисловна совршеност или непоправлива телесност, или ги живееме двете страни на еден живот кога на почетокот царува силното тело, а на крајот совршената мисла. И самото видување на реалноста се огрева на мисловно дрво и при жешко сонце и при мирна белина. Среќната мисла создава различна претстава за светот од несреќната на пат без почеток и крај, само ленти за соодветен логичен сообраќај. Но, логиката на нештата не е воопшто логична за оние кои мислат со срцата. За тие емотивни патници нема факти, ниту очигледност, но крајна дестинација за изјавување на чувство. И најчесто работите кои не успеваме да ги искажеме ги преживуваме во тишина. И додека едниот пишува, другиот во полуживо издание ја чека етиката на дело. Дури и Трактатот на Винтгенштајн после долга битка конечно успева да биде објавен, но некои сведоштва немаат такво чудесно воскресение. И губејќи ја мислата, почнуваме да импровизираме на туѓи патишта, да живееме при слаба светлина и карпеста магловитост заради молк на трпението.
И вистинската битка се води зад скршените насмевки и при лунарен студ. На полноќ, ги сретнува и благите и солените сопатници кои ги зачинуваат личните мисли, и истовремено се чисти семето на празниот посед зашто умот сака чист терен во кој ги чуваме скапоцените спомени посилно од било која морална функција. И нема објаснување за тие средби, ретки и свечени средби со луѓе-карпи кои го носат животот околу нашата конфузност. И додека гневот ја напушти свеста, тие луѓе жртвеници заминуваат со една лекција љубов која го направи овој свет поподнослив во сета своја нелогичност. Доколку за душата се вели дека тежи само 21 грам, која е тежината на мислата? Таа невидлива, безбојна, недопрена мисла која ги разнесува сите животни поместувања на грамадна скала од просторноста. И ја води секоја битка на видливо и невидливо поле како страшен војсководец на првата линија. Затоа бирајте ги мудро своите мисли, тие се моќни градители на секоја човечка империја, и светла и темна.
