Замислете секој еден да поседува кутија нешта која ја носи насекаде и никој не знае што има во неа. И секој има таква своина, и различни работи кои му се драги. Тоа е она нашето лично искуство, и не може друг да го осети, ниту согледа, ниту допре. Секој сам си го носи товарот во таа кутија. И таа постои во еден јавен дискурс и почитува општествени правила. Но, нејзината суштина стои длабоко внатре затворена. Сопственикот ја познава таа тежина и ја носи јуначки, некогаш се служи со туѓа понудена помош иако тоа е се поретко, веројатно луѓето немаат време да бидат околу другите луѓе. Можеби овие дождливи денови, ќе си набавиме по еден робот да ни ги носи животните проблеми или барем торбите полни намирници.
Личните сензации вријат во картонските загради на внатрешноста, но мислам таму сме заштитени од суровоста на матните глави. Некогаш е тоа болка, или страв или збор кој е потребен да допре до светот на единствен начин. Да ги именува нештата кои го дефинираат, зависно апетитот на гладниот. Сепак тоа се претпоставки, секој ја познава својата кутија. Некогаш е потешка, ретко полесна кога со мудроста се исфрлаат непотребните чувства на отворен терен. Но, кое е тоа место каде човекот ја истовара личната грижа? Дали постои светска јама за емотивен отпад? Дали е тоа црн отвор со товарени кутии, картонска династија на незнајни состојки? Сеуште не тврдам.
Во секој случај, сите имаме слобода да говориме за своите работи, а ретко кој ги отвара тие горни порти на вистината зависно критериумот за коректност каде секој се движи според некои универзални субјективни претпоставки за правилен и стандарден израз. Не дај Боже, да се отскокне од просечните димензии кадар за кроење кутии. Толпата мора да остане молчалива и верна во масовноста. Значењето сепак најдобро е исплетено на зборот врз животната ткаенина на живата култура која мора да опстои со се повеќе отворени кутии заради одржување на еден емотивен диверзитет при заканата од ладниот метал. Барем да се потрудиме, создадени сме по образ на Живиот, надвор од кутијата.
