На империјалистичката ароганција гледам како на карикатура која со својот игнорантски и нетолерантен однос ги користела останатите култури и народи како невредни и донекаде грешни. Божем имаат природно право да бидат секогаш единствени и во право. Напротив за да може светот разнобојно да суштествува низ сите свои гранки мора да процвета плодот на различноста, на рамноправноста, колку и да звучи излитено. Тоа што сме веќе удобни во својата себичност не значи дека сме мудри во својата лесно обоена реалност. И тука замислете да настапи една искуствена машина која супер дупер ни ги репрограмира животните вредности и желби за да не завршиме како оштетени страсни производи на работ на постмодерната реалност. Итен распад на предрасудите.
Инсистирање на музички и уметнички науки и поетика на креативен живот како лек за немилосрдната платформа која храни здрвена младина (што и да значи тоа). И во својата едноличност, хронолошки се воодушевуваме на суетни нешта, и се прашувам зошто не сме воодушевени од Кант или Шилер, зошто не не плени Адолф Адам со својата театарска музика, зошто копаме на погрешни места, во темнината каде рикаат страшните? Носиме униформа од досадни шаблони на некорисни совети за осуда на различните, зар самите ќе станеме империјалисти во сопствената кожа? Тоа би значело хуманистичка алергија и оросено чело од ниско-хранет морал. И затоа пак велам да не бидеме ирационални во желбите, што е исклучително тешко, но и правилно особено кога еден човек има силен апетит за друг и тоа бара да се скрши институцијата на ветувањето за да не станеме самите карикатура на сопствената неетичност.
Од друга страна, не сме создадени да бидеме истоветни војници на наметнатиот етичен оброк кој не трпи различни креативни зачини во вкусот. А, сите вкусуваме различни нијанси на човекот, и секогаш некој посебно ни прилега, како што велиме ни се лепи за срцето. Затоа во различноста сме свои во изборот, и таму сме вистински слободни чувари на златното правило: живеј и остави да живеат. Секако, судијата веќе ги има поделено картите за игра.
