Дали таа лежи во дланките на вистината или и во лагата има среќа? Придржувањето до вистината иако може да има силни последици, кантовски гледано, таа е категоричен императив. Е сега, едни се во вистината, други во лагата, среќни, зашто и во време на колапс се нарушува зборот и се кршат ветувањата. И нели, најчесто во добрите дела сме морално среќни кога ќе понудиме прибежиште или мирен гест некому. Без наплатен реципроцитет, но полнота од изобилен размер. Личната дарежливост ја правиме меѓу лоши и добри точки, во слободни услови за нормален живот, а можеби и имаме среќни околности да не бидеме несреќни. А, сепак празнотијата никогаш поголема. Среќата станува недоволна за апетитите како заборавено лекарство во животните училници. Се губат едноставните насоки за соживот иако нема подобра припадност од другарската. И нема поискрена делба од партизанската. Барем така беше во (не) толку далечни сеќавања и среќата беше единствена позната мајка на градот. И не се прашувавме дали сме среќни, нашите лица говореа громогласно.
Впрочем, подарокот, денес ме замисли за среќата. И почувствував задоволство. Три соговорнички. Другарки. Едната извади подарок во форма на брош со фигура на дама, во боите на животот, направена маестрално до најситните детали. Тоа беше симбол на почесните жени и на доблесноста. Тоа беше секоја жена во својата различна зрелост, една наспроти друга, во вистински миг. Слика на чиста среќа, доволна сите три да изживееме уште сто животи. Замислете, најмал гест кој го исполни ветувањето и сега и засекогаш. Притоа, чиста насмевка и малку блиц, за разбивање на дневно-политичките структури на градската анемија.
Што се однесува на прашањето, среќата е повеќе од доволна, ако се одлучиме за едно благородно и понизно срце.
