You are currently viewing ВАРВАРИ!

ВАРВАРИ!

Големиот Горки и самиот длабоко огорчен и незадоволен пишувал за суровоста на животните прилики и за социјалната беда на скршениот дух. Мислата зад текстот во дадениов случај започна на театарската сцена со убава актерска игра и привиден занес, но и отвори безброј голи прашања во умот на раскажувачот (доколку таквиот сеуште постои). Уметноста на раскажување како да се ближи до својот крај, се поретко постојат луѓе кои се способни да раскажат приказна посебно во средина, засрамена од добра реч, но не и од лесни информации. Падот е загарантиран до бескрајот.

Цела една генерација која порасна во скромни услови едноставно се најде под отворено небо во околности кои не можеа да одолеат на промената освен облаците над главата, среде градско поле потресено од деструктивни набои, се менуваше малото човечко тело. Просторот на живата реч исчезна и со себе ја зема убавината на книгата. Тие страници кои пишуваа за животот пред нашиот живот имаа длабока суштинска тенденција да пренесат, подучат, втемелат, но кој да чуе? Заедницата на слушатели исчезнува заедно со плетењето и предењето зашто во тивката работа, човек следи. Но, времето на немање време дозволува по еден хот дог и модна комбинација за утрешниот состанок. Желбата за слушање одмина и дури и шушкањето е непланиран немир. Се што можеше да се скрати е скратено во најмала рака зашто вниманието паѓа во искушение после две до три минути и е општо земено во состојба на досада односно ментална релаксација.

И така, се на небото и се под земјата  е неважно за синовите на луѓето, никој не им се обраќа, ниту им заповеда. На полицата меѓу големите и малите, пак молчи и книжевната Мајка на бесмртниот мајстор како симбол на едно револуционерно движење, и рамо до рамо ги дели идеалите со своето чедо. Тоа се дела на пожртвуваност и верба, а нашата револуција одамна го изгаснала кандилото на повикот, скока само невоспитаниот јазик со брзина на светлината. Лаежи и каскање во место, меѓу варвари во вратоврски и потпетици со бесно име.

Buy Me a Coffee