You are currently viewing ТАЛКАЧКА ЖЕЛБА

ТАЛКАЧКА ЖЕЛБА

Зошто причинува задоволство во историски, романескни дела животот на една епоха, на еден лик да го одиграме како свој, во сопствениот игран филм? Задоволството што го пронаоѓаме во саатниците, деталите, седенките, чистите мисли? Дали е можно да имаме соништа кои создаваат една приватна сцена на реални нешта? И да се замени прашањето: „какво беше времето“ со „каква беше книгата“, и сите ситни детали за секојдневните нијанси да станат здодевна историја, а мигот да го делиме со она што страсно не поврзува, филозофијата на желбата, на исконското будење од длабоката заблуда во една нова чудна реалност која согледуваме дека не ни прилега. И ништо не е важно, без вистинскиот лик на местото на настанот, зошто писателот и да го напушти пишувањето, и конечно да прекине со мастилото, не може да ја прекине желбата. Таа е ривалот кој секогаш победува особено кога чесните суштества во ставата и движењето се исправени и ведри како соговорнички и ја обликуваат целата ментална биографија на судбоносни тактики  на човекот спроти нив и ја носат истата суштинска идеја иако сиот живот се оспорени. Тоа е вистински, мачен предизвик, да се остане свој на своето, без облози и заштитни фолии.

Да се љуби нештото во неговата најчиста форма е како уметност во движење без двоумење или мајтап циркулација. И повторно во дадениот превртлив материјализам, да се прифати смеата за свој сонародник во рушење на стереотипните ставови на средината која ја заборавила својата желба или едноставно ја сокрила од невкусните очила на порокот среде сообраќајниците на нашиот „велеград“. И се надеваме да се појави и Велештрумф и да ни ја врати желбата во малата котлина наречена дом. Дотогаш сите во сини костуми и на сцена, секој во својата улога.

Buy Me a Coffee