Времето на револуции е завршено, на силни интелектуални препирки и надежни структурни дела. Политиката е јасна и недвосмислена, за владеење и заработувачка. Нема тука никакви забуни. И тој кој ќе тргне по поинаков пат ќе ја има сета слобода да филозофира и да се склони во таборот на веќе исчезнатите мислители. Мисла како мисла, спакувана и во книгите овековечена да фаќа прашина во оние малку книжевни катчиња кои ја негуваат таа скапоценост. Од друга страна, мнозинството стана едно задоволително тело од пост-историско граѓанство кое си ги јаде одлуките во квази-империја на совршен комфор кој посиромашен не бил. Кошничката стана само плетено седло за две јаболки и едно лепче. Но, затоа стандардот е светски, така барем ни кажуваат. А, нели кога ти се кажува, треба да слушаш и често поверуваш? Во истиот чамец давеници пловат накај громогласните водопади кои ја тресат мислата од нејзините „опинци“. И во торбата за преживување се носат секакви предмети без вредност за празниот стомак и гладниот ум. Се само никако неопходното. Водата со низок водостој, во спротивно коски ќе се тресат. Устата секако и во нормални услови, таа е највредното место за зделки и клевети.
Два века подоцна, маршираат спротивставени: пролетеријати, анархисти, слободни мислители, маргинализирани луѓе, жени, деца, малцинства, на места со се помалку животни и загрозена зелена природа. Поголема револуционерност на бесмисленоста, немало. Сите влечат нагоре и надоле, а средината оптегната на краевите и во апетити и во израз. Тешки времиња за политички апатични суштества кои носат критична интелигенција и живеат етикетирани како неспретни љубители на филозофските семинари и уметнички галерии.
Денес во општата криза на солидарноста, се прашуваме дали модерните нации станаа политички плантажи на кои се воспитуваат интелигентни човечки суштества со стриктни правила за одгледување на успешни насади на вино и чај? Тешко дека под еден ист стакленик може да се одгледаат различни земјоделски култури кои ќе се сраснат здраво со почвата и со надворешноста исто како што луѓето имаат различни потреби за негување на своите здрави плодови во добра клима и евентуално ѓубрето кое мораат да го одложат на истиот пат. Меѓутоа, сите ние со нашиот личен развој се поврзуваме со сличните, но и се оддалечуваме од различните, според степен на вредносната зрелост.
И затоа не бараме овде решлива драмска завршница, но вистинска слободна одлучност на битието зашто да се бара совршена историска група која е идеално срасната со сите свои органски делови би било нелогично како да се бара грозоморниот лукав да танцува во љубов со среќата и чесноста? Тоа би била сценска слика за сведочење, нели?
