„Не плаши се“, „Имај (до)верба“, „Биди силен“, „Креирај“, „Гради збор“. Убави и вистинити целини. И остварливи, но со пустинска издржливост и истрајност. Не говорам за Марија Египетска во своите текстови, но сведочам за нејзината бестрашна борба на навидум „падната“ жена. Да не се лажеме, верата планини поместува, кој ја има. Зарем е мачно во доброто да го имаме и злото? Тие се како две страни на една кованица. Ноти присутни во мелодија на доживување.
На врвот, се капеме во привидна благосостојба, уживаме во плодовите на лесната песна и милозвучните галења на харфата – дали на тој свилен свиок смееме во заднината на умот да имаме свест за искушението кое го чека својот час? Зашто знаете како велат, многу арно не е на арно. И обратно во маката на паднатите денови секогаш не води мислата за светлите зраци на милоста. И во светлото грми мрак за осветување, и во мракот имаме светлина за воздивнување. Рамнотежата ја распределува хармонијата по земните широчини, но и по човечките длабочини. И со тој траен квалитет на балансирани чекори се гради една висока еколошка свест и искуствено врзување со живите одаи на светот. И се напушта сегашноста со големото невнимание и расеаност на духот, божем ќе имаме време за големи и мали достигнувања, а часот е краток. И пак краде брзата технологија за сметка на човечкиот потенцијал и задлабочени во екраните на нашата иднина, ги бираме фотографиите кои ќе ги збришеме од лицето на земјата со едно, да или не? И со прстето бришеме цели денови од нашето кратко животно патување. Какво тивко насилство дозволуваат тие лесно достапни апликации кои ја менуваат целата приказна со еден клик. Тоа вознемирува, особено ако сте ја искусиле прашината на детските игралишта, доцна во ноќта и на пладне при горко сонце. Гребаниците на колената даваа перспектива за фер игра со други играчи, посилни и послаби во скокот. И се учеше за радоста и насилството, на начин како да се да се одбегне и канализира неговата сила. И сите да бидат победници во својата пустинска потрага, со обнова на пофалбата на Животот. Сценарио со мирис на среќа.
И иако патот не е доволно широк или рамен, движиме по невремето на случувањата, и пак кучките лаат, но важна е дебелата кожа на својата кожа, или искуствено зрелиот калап на карактерна жестокост.
Па кој дојде, добредојде, за добриот човек, секој ден е прв ден на искупување. На игралиште или пред компјутер, славете го денот. Славете за емотивното богатство. Славете за виртуозната комплексност на големата промисла. Славете за новата пејсажна естетика на блискоста, и за умот кој останува блескаво немирен, но вреден за прослава. Бидете славни во едноставноста и сте поголеми од големите, што и да значи тоа.
