You are currently viewing НОСТАЛГИЧНА ПРЕГРАТКА

НОСТАЛГИЧНА ПРЕГРАТКА

Си било еднаш, едно царство и во него царуваше другарство.

Едноставно и топло место со насмеани прегратки стопени во гнездата на блискоста. Носталгични стануваат некои залези, и заради ценетиот годишен биланс на рутински средби. Но, летните девојки сеуште сакаат да бидат околу останатите на себе слични, оние кои ја почитуваа градската мапа на поздравувања, муабетења и додворувања. Љубезност, внимание и застапништво на значајна супкултура на изразот. Не се газеа личните ниту туѓите желби. Секој го знаеше своето место и корнерот на другарски насмевки. Таму не мораше да се говори, присуството доволно кажуваше под звучниците на ритамот кој даваше шмек на целата слатка атмосфера, како роденденска забава помеѓу славеници. И потоа едни по горната, други по долната улица односно лево и десно на истиот балетски праг на второ продолжение без пресуден баланс. Клатење од глобален размер и заматени пердувести лустери кои даваа жолт шмек на шанкерскиот носач на кажано и недокажано. Што било, таму и останало, еден премолчи, друг не се сеќава. Рапавите слики сеуште кружат низ сеќавањата и греат длабоко внатре.

Нејсе, минатиот ден, на истото место стои црн прав и длабинска јама, машини од џиновски размер и луѓе кои повеќе не го говорат истиот јазик, или можеби е истиот, но сепак различен како странец меѓу свои. Нема остатоци од животот на младите момци и девојки кои денес се актери на празна сцена. Празнина без плод, без подобра клима, само број на жители, испеглани и помалку чудни или чудна е нивната поинаква географија на културни навики.

Саде, филозофија на прашалници, интересна и без соговорнички труд, само културните досиеја како запишани сведоци. Човекот, свој и со себе, еден и единствен соговорник на новото бетонско мнение, тивко и студено. Монолог со бескрајна реторика која на светот повеќе не му е потребна, но некому сеуште му носи здрав разум. Социјалната мрежа додаде лик и става на осаменоста како човек до човекот. Среќа што сонцето изгрева и овозможува по модерниот човек да чекори неговата сенка и единствено таа да ја прегрне носталгијата.

Buy Me a Coffee