You are currently viewing УДОБНОСТ ЗА „ЖАЛЕЊЕ“

УДОБНОСТ ЗА „ЖАЛЕЊЕ“

Херојската димензија на човекот се губи во добата на модернизмот, а со тоа исчезнува и смислата за стремеж кон повисока цел или вредности за кои вреди да се бори. Фридрих Ниче во „Последните луѓе“ ја гледа „славната удобност која е за жалење“. Се создава „јас – генерацијата“ и господарење на нарцизмот каде единката е болно сосредоточена на себеси и својата важност, каде „цврстото исчезнува во пари“ како последица на капитализмот според Маркс.  Живееме во општества во кои индивидуалците се затворени во своите срца, удобни во својата приватност и во реториката на само-остварување врз тепихот на гламурот на самотијата.  Нус производи на општествената промена во кои отсуствува разумот во одигрувањето на урбаните политики на деструктивен раст зашто најголемите мотивации се крајно неморални. Современата култура на автентичноста низ новите трендови на потрошувачка на младите или сигурноста што ја носи богатството ја оддава сликата на голи тела и покрај вулгарноста на нескромно скриеното, исто како и зборот евтино разменет при пцостите. Вагата елегантно ги одмерува пропорциите на златните карати, порцеланските пломби и залижаниот патец на главата. Наше е само да постоиме пред блицот на сопствените камери.

Buy Me a Coffee