You are currently viewing ГРАДИТЕЛ И РАЗУРНУВАЧ

ГРАДИТЕЛ И РАЗУРНУВАЧ

Самостојното и независно размислување го држи внатрешниот свет на човекот будно освестен, а продуктивната форма на идеите и настаните најдобро ги пренесува низ изградена навика за пишување. Длабоките таласи на креативен импулс дозволуваат да останеме во творечка кондиција наспроти секојдневната механика на свежо завршени општествени задачи. Оние кои очекуваат од нас да бидеме продуктивни, умни и послушни војници, и кои единственото достигнување го гледаат преку математиката на вечно „гладните“ за моќ. Постои приказна зад сиот тој бурен свет, но колку социолошката имагинација ќе го поттикне проектот на личната свесност зависи од желбата да се канализира „конзервираната“ енергија и да се раздвижат маргиналните идеи, кои не се воопшто маргинални само потиснати, како нешто што не е од итна важност за егзистенцијалниот сегмент. Подвигот да се стане конструктивен општествен работник, за полза и во полза. Тоа бара време и многу планови, дискусии со себеси и битните. Смешна слика е ликот со пенкало в рака и изгубен поглед во листот на својот запис. Влог на интелектуален труд, најчесто неблагодарно посветен на културната „тапост“, но што се може кога човекот сака да пишува, принуден е на дискутабилни средби со другите „во отсуство“. Но, не отсуствуваме само од заедничките видувања, исчезнуваме и од разговорите со својата повисока свест, и од друштвените и семејни соочувања. Тивкиот уред на нашето животно угледување ја впива сета креативна слобода на таа умствено совршена творба. Интелектот се сведува на чиста биологија и тактика на преживување. Фала Богу, некој друг мисли за нас, делува и советува зад прикриени екрани.

Но, кој ќе ја храни интелектуалната слобода во метежот среде индустриски вработувања? Кој ќе застане зад задачата на академската посебност и гласот на читачот? Има ли таков? Се надевам, ќе се напише една трилогија за фасцинантната разновидност на животот и сите гледишта за длабока духовна стратификација. Нацрт за дизајнот на високата свест, за да се доловат убавините на живот во животот и живот после животот. За следните генерации кои ќе зреат во страшни метални престолнини. Почетокот и крајот не е наш, но наше е запишаното сведоштво за живиот престол. Да се сведочи за времето на човекот и неговата ера со една навидум проста реченица,  „Еднаш, во едно далечно време живеел…“.

Градител и разурнувач. Тоа е секој од нас,  дами и господа.

g

Buy Me a Coffee