You are currently viewing ЛЕЖЕРНА ОСУМКА

ЛЕЖЕРНА ОСУМКА

Не се грижам за слепилото во било која форма зашто имаме многу за гледање, ниту се грижам за глувоста зашто има толку многу да чуеме, ниту се грижам за вниманието понудено од срцето, но се плашам за она другото понудено од главата. Во страв не се живее, велат, а повеќето од нас се дават во стравови од физичка, психичка, емотивна или интуитивна природа. Тој некогаш демне од аглите на нашето мирно или немирно движење. Шепоти тивко покрај говорот на соговорникот и ги стиска тупаниците на двоумењето. Го врзува јазикот за новите јазични истражувања, силата за предизвиците на срцето, а умот е скаменет пред свежото обмислување.  Брза опиена бука во екот на предновогодишните прослави на нештото. Борба силна и постојана. Барем во мојот ринг на себе докажување.  Опасни водоскоци на личниот подвиг кој некогаш не занемуваат пред големината на последниот, најчесто послаб удар. И тогаш низ перформансот на взаемната размена, свеста се вљубува во креацијата на два-тројца уметници кои го убиваат стравот на начин непознат за бизнисменот. Во процесот на создавањето е прославата на мојата Нова година, нова или стара. Во текот на откривањето на креативните нишки на една искрена вокација се украсува елката на личниот дух со песна која пее преку дванаесетте месеци на сезонски откритија. Самоидентификација со животот како идентификација со авторот кој ги руши бариерите на системската ограниченост и ја оживува имагинацијата со бесконечноста на една заспана осмица. На тие пердуви лежи и мирот во кој се засолнува детето на нашето созревање како подарок под елка. Зашто тоа што гори кај музичарот или поетот е симфонијата која го движи светот како индустријалецот, новиот метал или кореографот, потписот на новото движење. Една постојана и длабока потрага по вистината, ослободена од страв, ослободена од одговорот на светот. Чист миг на креација, свет оган на нашата прослава која тече без тензија на умот и без ограничувања на четката на сликарот. Како гостин на ликовна изложба на која се прераскажани животите на главните јунаци без зборови, но со гласен волумен на бојата. И ефектот најчесто е страотен во светла смисла, со отворени дишни патишта при густо магловито тесто, умот станува воин со рането его, и полни дланки љубовни дарови.

За стравот во друга прилика повеќе. Секако е талкач со досаден нарав, и засега нека остане на прагот во прав барем додека го славиме овој и секој нареден новороден ден како и бесконечноста со бестрашни богатства. Нели тоа би било убаво?

Buy Me a Coffee