Завршенo време на нововековниот хуманизам за едно литературно друштво засновано на пријателство. Какво пријателство, привидно во стакленик? Помеѓу хиени и уште повеќе хиени и лавот опколен молчи. Одразот во водата добива лик на широко изразени вилици и линии на царска суровост, нормално без царскиот елемент, со еден збор дивјачки питомци. И да, новиот начин на склопување пријателства преку пошта. Но, поштата полека затвора порти, па веројатно ќе бараме поинаков начин на хуманизација. Писмо на желби кое се пробива помеѓу четирите премини на градот, меѓу блиски и далечни, дали празнината е доволно очигледна?
Слушајќи некој ден нешто слатко олеснително, во далеку познат салон, едно касапско оро разведри, но и стави мисла, за сите касапи таму надвор кои не водат оро, но секој сам-орач на плодното пространство, за сите анти-витални и анти-биолошки аспекти на блискоста вткаена во милна композиција. И во таа модерна слаткост се пролева и гајдата, душевно-топол извор на една историска судбина обележена со заедничка идеја за љубов и сплотеност. Дали нешто светнува, дали ѕирка зад завесата топлиот звук од светлите сцени? Можеби не веднаш, но полека низ музика, филозофија, збор, се прикрадува? И тука, херменевтиката го прекршува својот затвор, и се прелева помеѓу живите. Живите кои го напуштија животот ги оставија писмата празни, а чашите полни. Нема кому, нема каде. Без долг никому, должници себеси.
И во таа и во секоја должничка криза, ќе се врати мајката по своето чедо, и нејзиното чедо по останатите. И секој во својот ракав, едно адресирано писмо, на точно одредено место и во точно одредено време. Додека има време, пред гневот на студентската фурија и прогнозата за белиот снег.
