Патосот на уметничкиот бит уморен и распнат пред обичното око. Воздишките сјајно расфрлани по салонот на голема возбуда, а јамата зјае меѓу вистината и нејзината огледална другост. Телото секогаш оправдано ја носи својата поставеност со добра сценска трпеза, а во даденото студенило на енергетски рестрикции, и уметноста бива вознемирена од ситните полемики. Никогаш претходно не се случило таа да биде недоволна за човековата имагинација и креативно богатство.

Разонодата на личното време секогаш значела безгрижност за вистинската вредност на креацијата, мала или голема, врзана или бестелесна. Убавината се создавала во мигот на не-интерес за личното, но за општественото дело, за утрата после нашето будење. Секогаш имало отпосле, а големината блескава во прав, но дали пеплосан или ѕвезден останува на секој следен чекор, на разоружување на суетата и гордите ѕверови. Во обид да се направи добрината настапувале искушенија од вонвременски простори, а насмевката како закуп за секоја капка искрени премрежија. И сцената повторно блескава со својата отворена посветеност и доследност на малкумината кои мачно ја носеле на својот грб како камилата водата за живот. Така таа живеела, ден за ден, во грамадна убавина која ги храни децата на нејзината светост. Дали сите кои ја воделе и ја водат се и нејзини деца, или отуѓени пријателства на сопствената сцена закотвени во плитките можности на бескрајното?
Жални се патиштата на апсурдот, на врзување на слободата, на калапење на креативната мисла. На ден без насмевки.
Тоа го донесе празната сцена, неспокојна тишина, но и нова надеж дека во срцето на младиот ум ќе се роди повторно БОЖИЌ, за радост на целиот свет, па и на најубавиот, уметничкиот полнеж.
