You are currently viewing ГОЛЕМИОТ ХОТЕЛ НА НИСКИ СТРАСТИ

ГОЛЕМИОТ ХОТЕЛ НА НИСКИ СТРАСТИ

Една ноемвриска ноќ присутна на експлозивно претставување на големото ништо на постмодерната. Голо растегнување на човековата мускулна маса во обид да се исполни ехото на големата сцена и уметничка и животна.  Дворецот на познатиот хотел на животот одбележан низ играта на четворица балетски играчи (домаќини-гости) односно едните и другите и нивните немирни сенки. Тегобната испреплетеност на 21 век и неврзаните букви на телесниот говор во новото окружување се обидуваат да дадат претстава за просторот околу нас и нив, црните и белите, мажите и жените, слабите и силните,  но и за новите услови на транснационалните сценарија на безредие и идентитетски хаос.

Репетицијата на недефинирани движења или подобро речено неартикулираната игра на бесот во даден момент од сценското течение, го уморува духот на присутниот посебно со сликата на човекот кој тивко зјае над јамата на њујоршката канализација како слика од јадот на пеколната дупка.

Единствено освежување на смислата дава цветот на зелениот дом кој лежи во големото предворје и е активен учесник во групно расчленување на танцовата целина, чекор по чекор, на сите танцови треперења на ниски страсти на случајните минувачи. Во заднина пече громогласната музика на себе-освестување, на танчерот и гледачот (на држење будност во мигот на празниот транс на телесно претставување). Секојдневната обезличеност на постоењето, на прашањата за Вечноста, за бесмртноста, за победата над себе си и својата (не)умност.

И тука повторно се отвара дилемата, дали во брзото уморно творење на материјалното се изгуби човекот и неговата самобитност, вредноста да се љуби светот и себе, да се дава и прегрне? Ваквите сценски прекршувања на нормите на „нормалното“ и „тивкото“ уживање на танцовиот талас можеби се предвесник на големата животна бура која бесно се дига пред нашата себичност.

Дивее непознатото на сцената на најубавата од сите уметности – танцовата која децении ја плени човековата убавина со говорот на чистиот ред на емоциите и невербалната поетика на движењата.

Нарушената природна рамнотежа станува МАЈКА на стариот сценски занает, а телото – дом на се и сешто, на движења по работ, на потресена човечка психологија и хипер-сензитивна роботика на мртвилото.

Просто, да се замислиме, дали ваквиот тренд воопшто му прилега на човековиот образ?

Buy Me a Coffee