Времето на создавање созданија остана во минатиот век. Честа и креативниот став зад кулисите на тешката животна состојба, на човекот, во овој случај Македонец. Исклучително предизвикувачките околности за раст на еден народ кулминираа низ книжевните текстови на креативните дејци кои дејствувале околу жариштето. И се мислам дека тоа жариште и никако да се угаси односно татне со истиот жар и избива на други слаби точки. Слабости на секој агол, не само кај слабината. Изворот на креативноста пренасочен, на турбо фолк манифестации и голи бутки. Епа, така идентитет не се крепи, име не се носи без чест. Помеѓу прашливите дворски канали, заборавена е крепоста на едноставната убавина, простодушна добрина. Сведоштвото тлее низ потната мака на едни луѓе во едно време на кои ретко кој припомнува. Разуздана е атмосферата за едно одбројување на годината што минала, во дочек на непредвидливо, без статусно и вознемирено друштво. Се е така бледо и расеано, како лесна песна додека стане не толку лесна. Да се вратам малку назад, во време кога се водела јазичната и физичка беседа за одбрана на македонскиот поим и постоење исто така се одбројувале минути и секунди, но како критични мигови кои шетале меѓу слобода или смрт. Живата ограда била изградена од луѓе со идеја, со желба за потврда и јасност.
Во Новата знаете, не очекуваат чуда, само не знам од кој аспект, од која сфера на творење, дали човечка или комбинирана? Крчка лонец вариво обична вода, без зачини критика или алтернативна свежина. Така и мириса секојдневието.
Македонска крвава свадба (како делото на големиот Војдан Чернодрински) од една драмска приказна за силата на љубовта и некршлива слободна волја на еден непокорен народ, веројатно нашиот? – сега е епизодно прашање дали сме деца на нивните деца поради непостојаноста на мекиот статус на припадноста, поетски речено гипки како меките платна на памукот. Формите ги правиме спрема побарувањата на ветерот. И пак, ќе скратам зашто времето до последната десет минутна еуфорија на честитки, нема во себе ни македонска, ни вистинска само свадбарска прегратка помеѓу аждерски дланки. Момчето по име Спасе ќе мора да почека за вистината, но и лекомислениот народ кој наследил земја од мачни жртвеници.
Ако ништо друго, Македонче – чорба.
