You are currently viewing ОДБЛЕСОЦИ И ОТПЕЧАТОЦИ

ОДБЛЕСОЦИ И ОТПЕЧАТОЦИ

Хранливо мени сред седницата. Еден четврток. Осамен и голем како и останатите браќа. За себе посна мисла, малку одмор. Од емоции, состојбата преплавена. Нема утеха поради  внатрешните и надворешните дворски градини (некогаш градини, денес пустоши) среде климата на предизборни врисоци и удобни столици од телешка кожа.  Денес вака, во убавата и цврста градба на човечко творештво се врши упад од платеници кои демек се восхитуваат на сјајот и убавината, а всушност по некое време го растураат мебелот, распоредот и редот во таа куќа и така сите дрвореди, еден по еден се сечат заедно со нивните славни сопственици. Од кроток сокак – шеталиште на домашни миленици и по некоја осамена фигура на човек или сенка од неговата сенка. Одблесоци и отпечатоци. Дури и метежот е тивок. Некои денови како да не се градски, како непознати неистражени улици. По нив врви осамениот. Секој ќе се пронајде, верувам. Играње на игри. Детето ви станува најголем пријател во играта, а и вие во неговата. Спасение во човечка форма со име и презиме.  Но, дали  името што го носиме е само име? Мислам да, за да може да не повикуваат по азбучен ред. Сите по патот масовно, но едни по горниот, други по долниот. За некои како мене?  Секогаш средниот, кој и да не постои. Како невидлив стремеж на верата, како необележан знак крај каменот, нероден во книгите на челниците. Пат незнаен, сив по кој врват вљубените, не во парите, ниту во успехот, но во љубовта. На маргините на светот, тој пат е како провалија во која радосно се скока. Уште две, три такви има, длабоки и силни. Во нив трепери срцето, крај живи лешови.

Buy Me a Coffee