You are currently viewing КАРНЕВАЛИЗАЦИЈА НА ПОСТОЕЊЕТО

КАРНЕВАЛИЗАЦИЈА НА ПОСТОЕЊЕТО

Во услови на мир борбено расположен човек навалува на самиот себе, по зборовите на големиот Ниче. Препознатлива мисла во услови на балканскиот дијалогизам од јас-за-другите во јас-за-себеси, соочен со празнината на сопственото битие или она што Бахтин го нарекува „тага на индивидуализација“. Истата тага која се труди да ги реши историските, фундаментални прашања на идентитетот и себе откривање додека гладот полека го обзема широкиот културен простор. Цивилизацијата нечујно ги пакува куферите пред јадежот на изборната глутница и настапува молк во свечени карневалски прослави под слободното небо. И вратите на театарот се отвораат, заради новите прекројувања и преправки на задолжената куќа.

Карневалските празници или шеговити приказни заземаат централно место во животот на средновековниот, а уште повеќе современиот човек. Тие создаваат неофицијален и вон државен поглед на светот, една двојност која игнорира и потценува, нешто што ја искривува сликата и ја разобличува севкупната културна состојба. Во средниот век предмет на исмејување било божеството, а денес се грди и разнесува Човекот и сета негова убавина. Карневалот со силен елемент на игра како театарско-претставувачка форма, го уредува и државното управување како еден театар, една сцена со урнебесна репертоарна политика, а сите ние, учесници во карневалскиот живот и самите служиме за општонароден дворски шут. Со церемонијални свечености вивнати до глобални широчини, а граѓаните се помали, исчезнуваат од мапата на општествено стегнати вредности.

 Неутралната позиција, онаа ненаметлива, самостојна перспектива на копнежлива љубов кон Другиот зачинета со Бодлеровата фланеурија и потребата за истражување  на носталгични предели дозволува уживање надвор од границите на карневализмот и поставува длабоки димензии на општествено свесна креација преку градење интеркултурни цртежи на размена.  Карневалот останува да пулсира низ делата на театарскиот крвоток, а колективот низ изнудена смеа и навидум заедништво да изгради општествена претстава за опстанокот и здравиот разум.

Buy Me a Coffee