You are currently viewing ДА СЕ СИМНЕМЕ ВО ВЕЧНОСТА ЗАРАДИ ЉУБОВ!

ДА СЕ СИМНЕМЕ ВО ВЕЧНОСТА ЗАРАДИ ЉУБОВ!

На љубовта и се закануваат од сите страни. Од каде заканата?

Од секаде и од сите страни. Интернет слободата и достапност за запознавање без средби дозволуваат да се заплива во љубовните води без да ве погоди Аморовата стрела и да се љуби без страв. Каков пад на вредноста кога се продава љубовта, како пазарна суровина, потребна, но не неопходна. Новиот модел на „вљубеност“ исползува врски кои не одземаат многу време и простор во брзиот капиталистички распоред на осиромашениот човек. Тоа е тој свет, нашиот, тврдокорен кој брои во војната „нула мртви“, во љубовта „нула ризик“, без непотребни средби според зборовите на Ален Бадју. Тоа вака изгледа денес, ако сте подготвени за љубов според правилата на модерноста, ќе знаете да го напуштите другиот кој го руши вашиот комфор со личната удобност. Но, тоа страдање е негова работа, а не ваша??? Своето, пред се и над се.

Формулата на здравата патека лежи во зборовите на Рембо:  во светот треба „љубовта треба повторно да се пронајде“. Во самиот свет во кој таа што ја сакам го гледа истиот свет како единствен субјект на љубовта. Љубовта како можност да се присуствува на раѓањето на светот и да се конструира далеку од очите на личниот соголен нагон. И затоа кога таа стапува на сила на еден неискажлив начин, тоа е настан после кој не можеме да се вратиме во светот природно, ништо не е исто. Ние сме истите луѓе, но во една најдобра варијанта која живее на сцената „за двајца“. И покрај пламенот на почетната полетност, љубовта поседува тешка желба за траење.  Маларме ја видел песната како „среќа освоена збор по збор“ односно победа на среќата, како градење на едно траење, траење на една љубовна вечност. Замислете како би изгледало тоа, да се симнеме во вечноста заради љубов, сигурно силна сцена во која денот станува обоен во сјајни месечеви треперења и патека на лесни чекори кон победата.

И кога ќе застанеме на страната на љубовта, мора веднаш радикално да ја прегрнеме идејата за подвигот: конечно прифаќам да бидам тоа што сум, да го љубам тоа што е, и да се посветам на тоа во што верувам. И во секојдневието станувате отворена книга, за волни и неволни записи, радосни и страдални битки. Но, како главен лик кој љубел и кој го љубеле, тоа е убава завршница на приказната, нели?

Buy Me a Coffee