You are currently viewing ДА ЈА „ВКУСИМЕ“ МЕСЕЧИНАТА?

ДА ЈА „ВКУСИМЕ“ МЕСЕЧИНАТА?

Празни градови. Движење, долго и често. Улиците низ кои се сретнуваа мислења и алтернативни собитија, ликовни колонии на исушени гранки и пеплосани дрва. Вината паѓа на невремето и застанува часот за подобри денови. Се поместува само желбата за ашикување како онаа кинеската, „до 30-тата болеста си ја бараме, после 30-тата болеста не бара нас.“ И како да се заштитиме од видливите односно невидливите противници? Веројатно никако. Оклопни расади на ултра отпорни одела не се решение за сигурен живот и доживотна издршка, металната ја заменува и така совршената човечка конструкција. Паѓаат структурите на системот само од лошиот здив на плански малверзации. Останатите цицачи имаат повеќе почит за договорот.

Договорот кај човекот секогаш вклучува нејасна делба зашто се завршува со запишан извештај на едно не толку угледно соопштение. „Драги наши, не напушти умот, а полека и животот…“  и така можеме да останеме луѓе или нешто друго, на истите празни или полни улици. Човекот бара човек да се потпре иако за момент, тој може да стане вечен и спасителен. Но, освен осамени чекори на еден згрбавен старец нема друго преку преминот на зебрата.  Земјен и небесен, мора со некого да си поприкаже душата на патувањето.

Дотогаш, снимателот го снима говорот, но и тој е снимен од останатите сниматели. Впрочем сите камермани на едно просечно собирање. Информативно биро во фино оладени простории или било која друга банална сценографија. Простодушноста ја полни чашата за навидум значајна здравица, но тој кој ја познава вистината обично пие сам, во тишина. И не на посебни настани, но на празното градско двориште каде мислата се сретнува со филозофијата, длабока и застрашувачка. И исплашено се обѕрнува наоколу за начините да го смири умот во сопственото преиспитување.

И кога ќе размислам поубаво, стегнати умови и уште постегнати џебови се совршената равенка за брзо лансирање на важен животен план за успешно и плодно слетување, нормално додека тлото ја држи тежината на големиот залак.  Следно, не ни бега големото планетарно истражување, што и да значи тоа. Можеби, да ја „вкусиме“ и Месечината?

Buy Me a Coffee