Историјата не е само обичен простор на празно и хомогено време, таа е време исполнето од сегашноста со скокови на промената. Таков скок под слободното небо на историјата е дијалектичкиот скок, кого Маркс го разбира како револуција. И често иако темно по улиците, но никогаш во срцата. Идејата стои во самата апсорпција на времето со постојан обид да се продолжи долговечноста. Да се промени гледиштето дека светот е убав со една вистинска револуција на човекот, но не онаа модерна револуција која успева дури и сиромаштијата да ја разубави, да ја направи предмет на уживање, модно да ја обнови. Не личи кога на модната излитеност ќе и се додели револуционерна вредност, кога сиромаштијата станува потрошен предмет, ужасна помисла кога од бедата прави голема претстава. Покрај фотографијата, и театарот станува една комплицирана машинерија со огромен број статисти и ефекти, простор на една конкурентска борба, театар за заштитена класа, која се возбудува од се што ќе ја допре.
И тука стигнуваме до прашањето: Што е приказ на еден момент? Дали во блицот на милисекунда ја согледуваме доследноста на одлуката или се е една мутација на наместени кадри, една разводната контура на нејасни чекори или апсолутно смешни загатки? Сето она што луѓето го прават и зборуваат, во заднината создава одредена мрачна синтеза која непостојано бара привилегирано засолниште за суверенитетот на свеста. Револуциите во самиот човек се своевидна промена на мисловниот систем, на рушење стари граници и подигнување бариери за здрава емотивна благосостојба. „Неподвижност“ на едниот не бара историја на поделби, туку низа од развој, не игра на односи, но внатрешна динамика и силна слобода за биде еднаш засекогаш постојан во нештото. На тој начин, во денешниот очај, станува јасно дека мора да се биде воздржан, одмерен и јасен, да се изговара својот идентитет. Тоа е кога ќе се слушнат мислењата на средината, но нема да се прифатат зашто тоа не го одредува личниот став во кој единката со кревка засипнатост пренесува точна утврдена порака. И тоа е исклучително тешко, да се собереш и станеш пред своите несигурности и стравови. Да се спротивставиш.
Нема да одам подалеку од умните заклучоци на Мишел Фуко: „…не подготвив лавиринт во кој може да влезам, да ги преместам зборовите, да им отворам пат, да им отворам подземни премини каде што ќе понираат, да направам свијоци по кои ќе се стеснува и ќе се деформира нивниот пат по кој ќе се губам и конечно ќе се појавам пред оние што никогаш веќе нема да ги сретнам (…) Не прашувајте ме кој сум и не барајте од мене да не се менувам: тоа е според моралот на бирократијата и таа нека ги провери нашите исправи. Но, нека не остави слободни кога станува збор за пишувањето.“
Навистина, сите оние кои сме ги сретнале и нема повеќе да ги сретнеме, некогаш ќе се сретнат со нашите зборови во една вистина која била, повеќе од вистинита.
