You are currently viewing ЕКОНОМИЈА НА ЕМОЦИИТЕ

ЕКОНОМИЈА НА ЕМОЦИИТЕ

Како да се разбере смртта на парите, како може да умре нешто кое никогаш не живеело? Илузорната состојба фрла магла на вистинските вредности заради фантастичната сигурност и посакувани поттикнувања врзани за паричките. Една радосна средина, полна графикони и пресметки за добри размени и солидни пријателства. Најсигурно сепак е да се казнуваат луѓето кои чувствуваат. И да се воведе економија на емоциите, која ќе ги држи под контрола, да нема премногу чувства и позитивни промени.  Да биде светот еден прав пат без засеци и крстопати, ниту на тркала ниту на одлуки.  Разговор, под закажани термини, како и емоции, под одложен напон заради пренатрупан распоред. И се така, распоред врз распоред, мобилно хендикепирани за еден добар разговор. Што беше тоа, понекогаш се прашувам? – на секое обмислено прашање обично едно чисто, отсечно, да односно не. Некако, одговорот на безизлезот како да се има се значи истовремено да се нема ништо. Зависно што сакате да имате и каде би сакале да го носите. Алтернативата за подобра организација во заспаните општества бара инвестиција во емотивните води кој ги провоцира неповторливите уметници во повикот за обоени денови. Сите сакаме живот во боја.

Има и една друга вистина, кога живееше еден човек, покрај еден крст и крај еден брод и сите во својата спокојна состојба. Тивка, скромна и едноставна. Црно-бела фотографија, среќна и самодоволна. Пред очите, еден необјаснив спокој крај езерото, крст под небото и брод за големото патување на животот.  Веројатно толку е потребно за среќа доколку го скротиме ѕверот ненаситен и запловиме, таму некаде, во крстените води на земјината утроба.  Таму сме сите дел од големиот план, секој за себе, а впрочем сите за истото, малку внимание и воздржаност.

И тогаш, нема капка по капка, но водопад на изобилство. Кој е подготвен, чувствува.

Buy Me a Coffee