You are currently viewing MYSTERIUM TREMENDUM – ЗАСТРАШУВАЧКА МИСТЕРИЈА

MYSTERIUM TREMENDUM – ЗАСТРАШУВАЧКА МИСТЕРИЈА

Зошто трепериме?

 Што е тоа што ја тера душата да трепери? Дали е еден премин, тајна или момент на заведување или можеби се заедно? Тоа е настанот кога водата врие, едно површинско пред-вриење, една прелиминарна и видлива раздвиженост на заведувањето. Еден удар помеѓу нерасчистено минато и несогледана иднина кое тера да трепериш до сржта на своето телесно постоење и крева нов и размислувања за телото како боиште на круцијални израмнувања. Најдобро објаснува Жак Дерида во својата книга Дарување смрт: „Што е тоа што прави да трепериме во mysterium tremendum? Тоа е дарот на бескрајната љубов, дисиметрија помеѓу божествениот поглед што ме гледа и јас самиот кој не го гледа она што ме гледа, тоа е смртта која е дарувана и обременета со незаменливото, тоа е диспропорција помеѓу бесконечниот дар и мојата конечност, одговорноста како чувство на вина, гревот, спасението и жртвувањето.“ Понекогаш во тие моменти на треперење најдобро е да се премолчи, заштo молчењето го одбележува сиот наш говор. Да се зборува и да не се зборува, да се одговори без одговор, и да се зборува без ништо да се каже е најдобриот начин на чување тајна. Со зборувањето, ние ја откриваме својата особеност и ја внесуваме преку јазикот до универзалните текови на општото. На тој начин се покажува скриената природа, внатрешноста која е посебна и „несводлива за надворешноста“. И тој миг на одлука за Кјеркегор е „лудилото“ зашто дарот се сведува на дарување смрт, а смртта носи безвременска темпоралност и недоловливо времетраење, кое за човечките закони е неприфатливо без време за љубење, постоење и негување. И иако секој друг е целосно друг, доколку го пресретне погледот на актуелната мисла, тој веќе бара жртва, ден и ноќ во секој миг, на сите планини Морија во светот, постојано се прави истото, се крева ножот на она што се сака и треба да се сака, на другиот, на тој или таа на кои неизмерно им должиме апсолутна верност (извадок од книгата Дарување смрт).  Но, зошто да се стори тоа? Зарем е подобро да се молчи и ништо да не се каже или да се зборува на сите јазици и повторно да те осудат за лага и дволичност, зарем не е подобро да се разговара и преговара со Бога зашто заедницата нема да те разбере. Тајната вистина на верата е една силна страст која не се пренесува од генерација на генерација и таа нејзина непреносливост не враќа на почетокот. И всушност во љубовта успева секој од нас, и верноста да се остане достоен на таа љубов не познава време, ниту смрт, солзи и несреќа, обожавање или страдање. Се минува, освен отчукувањата кои светот не ги слуша, а таа гради нов свет во својата утроба, паралелна димензија на постанување подобар, порадосен, поискрен примерок на човештвото.

Buy Me a Coffee