Дали постои простор за такво нешто, новите размисли обесени по ѕидовите на нашето родно огниште стојат како украси кои не пристигнуваат до визуелниот интерес на минувачот. Прашање за кое сите се прашуваме, дали постои слободна игра на мечти и можности. Застанав крај проекцијата на нештото кое потајно тераше да пребарувам низ палетата внатрешни емоции, и само конфузни провејувања на сомнежот, како негова најдобра повикана задача. И секој пат, истата поплака за распадот на добрите мисли кои ги тресеа темелите на здравиот систем. Традиционалните вредности вкопани како стари и мувлосани, а новиот бран ладни облоги врз главите на нечувствителни патници ги држи сите во длабок транс и долги свечени средби на себството. Така низ празните улици на моето познание исплашено барав да го пресретнам веселиот џагор на моите сограѓани кои изгледа повеќе ги нема. Некои непознати ликови ја тераа свеста да се повлече зад кората на своите одаи во обид да разбере и прифати. Дека новото не е секогаш подобро се покажа точно зашто радоста не беше дел од планот на новото прекројување на брзи животни залаци. Сета остроумност на светот ги предаде суштинските потреби на човечноста, човекот кој ја негуваше достојноста беше принуден да го напушти својот град зашто ги немаше контурите на неговата просторна идентификација. Постоеше само депонија на медицински, ментален и емотивен отпад и бран нафрлани неучтиви преписки.
Затоа, повторно прашувам, дали ќе има Скопје, следни генерации?
На овој пат верувам, нема. Културната разобличеност ја мами надежта преку граничните премини како цветот, пчелата. Зашто да се живее не значи само да се има живот, но да се има живот во изобилство.
Ние умираме секоја минута во буквална смисла. Но благодарение на таа испразнета иднина, нејзиниот недостиг ја раѓа желбата. А, желбата и љубовта ја носат смислата на животот и ја вртат целата вселена на начин непоимлив за луѓето зашто љубовта е нултата точка, цел сама за себе. Таа не прави културни животни кои создаваат простор за раст и развој на другите, за исполнување на длабочината на нештата. И затоа Винтгенштајн, вели дека вечниот живот мора да биде овде и сега, како слика на вечноста, а не бесконечна низа такви моменти.
И секако, модерното време не прави толку модерни што не можеме да се согласиме околу најважни и најтемелни прашања. И нашите постојани несогласувања околу смислата на животот во овој несигурен свет е исклучително загрижувачки момент, но и поттикнувачки да се потрудиме околу љубовта зашто сепак се почнува со една добра мисла и блага насмевка.
