Зошто да се копнее по длабочините кои никогаш не постоеле?
Кога копнежот исчезнува значи дека живеел и минувал низ светските денови каде смислата над смислите нема цврст темел, но илузија која притиска врз лажната слика за неменливоста. Човекот и неговата потреба за постојаност, сеприсутност и вечност силно провејува низ умот и делата на секојдневието. Низ пресметките, кавгите, непредвидливите сомнежи, задачите, мотивите и акциите, сите во потрага по големите приказни, кои чекаат да се раскажат, а времето противречно ја растура смислата на првобитната потреба за докажување како бесмислено талкање низ мачниот свет во очите на Сартр. Штом една приказна се раскаже, таа бледнее во сенката на тукушто родената, која не зрачи со убавина, но новост, зашто тркалото се врти од почетокот и е непрекинат извор на новородени зборови, двигатели на неговата изворност.
Големина за личната вредност не е ништо друго, но апсурдност од помпезни размери што за Шопенхауер не нуди грандиозност подалеку од „моментна насмевка, задоволство условено од желба, страдание, постојана борба , копнеж и потреба“ во еден свет кој е гротескно лоша драма, огромен пазар или дарвинистички амфитеатар во кој сите животни форми сакаат да им го извадат здивот на другите. И според него, вистината е најчесто грда, а уметноста е убавото покритие да не загинеме од вистината. И како што не седиме во театар засекогаш така и животот е една временски ограничена претстава во пошироко гледалиште во кое настап имаат и мудрите, и лекомислените, праведните, завидливите, вредните, злобните, мачните и љубените. Секој со својот навидум научен текст, настапува пред публиката на својот миговен занес. И се е славно и значајно додека светат рефлекторите, а отаде почнува мирната пространост во длабоки води, без костим и драмска нарација. Обичен живот исполнет со едноставност кој ја дразни демек славната речитост на човекот. Неговата замена настапила, тој може да плови по јужните води, во обид да се смири и закотви во духовната неограниченост, поубава и поголема од секој славен век. Притоа, музиката тече низ секое бранувања на водниот пат, и создава прегратки помеѓу тие што се пронашле и тие што се одминале, давајќи смисла на сиот живот во краткиот час на љубење. И на се менливо и неменливо, и форма, и глас, и знак, и гест, во новите боенки на зрелото видување.
И да, вреди да се копнее по големите длабочини на заткулисни ветувања зашто копнежот е вечен извор на смислата, кој ги руши заградите на материјалната трошливост на мигот. Во окото започнува Се, а битието послушно ја следи, играта над игрите, љубовната драма.
