You are currently viewing НЕКА БИДЕ!

НЕКА БИДЕ!

Стравот стои како џин. Како вонвременско чудовиште кои ги кине соништата на животот. Ги ниша темелите на долго поставувана идеја. И како бескомпромисен сомнеж, ве остава осамени во сопствената несмасност и голотија. И треба да се мисли за личната сигурност доколку реката фати поинаков тек. Тлото се одзема, во мигот губите топла заштита, заради наивност или верба во вечното добро? Се потешко, и нескромно нишаат зборовите на вжештената глава.

Додека го бараме жртвениот олтар на човекот изграден од правда, разум, независност, богатство, само ќе ја играме играта на дарежлива невиност на моралноста. На поредокот во кој нема ред на созревање, на негување меки мозочни ќелии. Дали сакаме да останеме во една илузија на свет кој расте без личниот разум? Да се размислува е акт на избор, не  е обичен механички процес, тоа е големото прашање: „да се мисли или да не се мисли“?  И како вели Ајн Ренд, „кој и да си, ти кој ме слушаш сега, јас му се обраќам на секој мал некорумпиран остаток од твоето тело, од твојот ум: постои моралност на разумот, моралност соодветна на човекот и човековиот живот кој се води според стандардот на вредноста. И се што прилега на самиот живот е рационалното владеење на доброто наспроти деструкцијата на злото“.  Колку и да звучи едноставна оваа мисла, тоа е најголемата и најтешката битка водена на внатрешните и надворешните брегови на опстанокот. Егзистенцијата е идентитет, свесноста е идентификација и тоа се двете аксиоми на кои не можеме да им побегнеме од првиот зрак светлина до самиот крај. И што и да одбереме, законот на идентитетот останува ист. Листот не може да биде камен, како што врелото не може да биде студено истовремено или како што Човекот не може да биде ништо друго освен Човек.

Правилно или погрешно? Која сум јас да знам? Доволен е само еден одговор –  Нека биде! Среќата на единката дава причина за живот, на крајот од денот, а почнува со размена на збор од лево на десно или од еден агол до друг. И не е доцна да ја повториме азбуката почнувајќи со буквата А. Од таму започнува сета смисла. Сета вредност скриена во првата буква на нашето културно откровение. И тогаш – Нека биде, но добро да биде.   

Buy Me a Coffee