Ужасот ужасува зашто е ужасен, а сепак научивме да бидеме спокојни во негова близина. И мисловното богатство е многу важно, и исклучително неопходно во големиот скок преку празната дума. И нормално не се сите родени гении, а сепак желбата за истражување идеи, ситуации, веројатности дава една нова возбудлива перспектива за учење на различна „мировна“ азбука која долгорочно може да доведе до мирољубива перцепција и тоа низ знаење кое не се поистоветува со образование, но со една подлабока верзија на едукативна свесност и решителност за дејствување. На мозаик на разменета блискост каде човек со човека склопува заедничка и сплотена перцепција на едно исто. Преку еден длабок дијалог: „знаењето го опфаќа целиот свет во мене vice-versa – тоа обвиено знаење се одвива како акција, преку моето тело и потоа преку светот“ според зборовите на Дејвид Бом. Вистинскиот дијалог на мирни води се наоѓа во автентичните поврзувања на Јас и Ти за да ги најдеме истите вредности и средби со светот односно да изградиме нови техники и вештини на гледање преку бескрајно креативни начини да го љубиме и штитиме истиот тој свет кој ги чува нашите животи во својата зелена куќичка. Сета болка и тага и сето насилство го решаваме со сочувство и прошка, и повторно сме на почетната точка, Човеку, те љубам!
И како се милни зборовите на Рајнер Марија Рилке: „Гледањето знаеш граници става, и колку повистински го загледуваме светот, тој сака да прерасне во бескрајна љубов… “
Мислата во оваа бурна реалност се сведува на скокотлива златна треска и големи залаци, на кои трпезата им е насилна заради не знам зошто и не знам кому и не знам кога.. И страдаат едни и други, и невини ја мачат свеста, несвесно. Да ги отфрлиме сликите, и сјајните пакувања на среќно венчани и да се вратиме на вистинскиот човек, на оној зад влезната врата.
И на прашањето на долговечните талкања: Дали е доволно? Дали е времето стасано за крај на насилството? – времето секогаш е стасано на ниво на поединец, а тоа е сосема доволно за да може родот човечки да создаде поинаква стварност, на нежна стратегија и нов свет зад очите на светот. Навистина не знам, но се прашувам, како секогаш.
