You are currently viewing ЗA ТИШИНАТА НА РАЗДОБЈЕТО

ЗA ТИШИНАТА НА РАЗДОБЈЕТО

Во деновите на мртвиот молк, никогаш не беше погласна трагедијата на продадено општество. По улиците, фрагментирана и индивидуализирана индивидуа, од „крв и месо“  заглавена во филозофските поими на ништожноста. Медиумската громогласност на пребарувачите ги туркаа луѓето во потрага по лајкови и листи за гробни услуги. Сивата економија, пазарните вредности и млитавите државни службеници го поставија раздобјето врз голема јама на разбиени прашања кои доцна пристигнале или прашања за кои одговори не постојат.

„Побожното стадо“ ја изгуби вербата, кога тајните простори на срцето беа нарушени зад границите и над границите на поимливото. Навидум мирни граѓани се дрзнаа да пуштат морбиден восклик кој ги сакатеше луѓето околу себе. Осамениот човек пловеше  во празни води, несвесен дека постои живот надвор од телото, надвор од личните чувства и мисли, и трчаше од една противречност во друга,  за да бувне во затворот на личниот бес во кој времето и парите се важност без вредност. Таму владее гласноста на само прекор и денови на свечен молк. Сето време на светот е твое време, како што вели Шекспир во „Бура“ : „…Сонувам? Пуштете ме да сонувам, ако тој сон е  мојот живот, не будете ме од него.“

 Зашто трагичното постоење во оваа реалност бара единствено едно: искупување заради бесмртноста на душата и нејзин спокоен пат преку раздобјето до вечноста.

Buy Me a Coffee