Песочниот часовник на Патрик Павис даваше аспект на времето – секое зрно што паѓаше беше загубено засекогаш. Но, времето покажа многу димензии кои полека се отворија кон безвременост (како утеха за тие што се разминаа).
Во зборот спиеја сите тајни, од простата игра до трансцеденталното, како магнет кој можеше да изнесе мноштво работи закопани во несвесното. Убав збор кој бесцелно живее останува само убав збор на тагата. Зашто секој човек посакува да постои идеја зад средбата, да постои една заврзана приказна која носи контекст, вистина за едниот и другиот во љубовниот простор на животни акробации.
Секој нов ден, како да импровизиравме ликови кои ни беа доделени, вежбавме ментални и физички предизвици, разговаравме, анализиравме текстови, стих по стих, се сретнувавме и продолжувавме. Исто како во театарот на Питер Брук каде процесот без план го уредуваше хаосот на животната сцена, недалеку од театарската која најчесто зјаеше празна. Во заднината следеа балетските точки, тукушто расцутените дрвја и месечевата светлина. Сите услови за една сценска бајка која за разлика од животот не ја прикриваше вистинската длабочина на чувствата.
На француските железници стои предупредување: „Еден воз може да скрие друг“. Кај нас, во недостиг на возови можеби подобро ќе стои „една потреба може да скрие друга“ или „една желба да разгори друга“ зашто нашата реалност е сведена на потреби и желби без конкретна инфраструктура и планско покритие.
Веројатно сликата најдобро би била претставена од режисерскиот поттик сервиран како одлично приготвен оброк за долготрајно уживање. Изведбата во својот моментум, а вљубените во надеж дека ќе имаат иднина со нови и непредвидливи соништа кои го менуваат светот.
„Да ме има или да ме нема“ ,размислуваше љубовта чистејќи го пепелот од изгорените срца. Нека ме има, сепак нека ме има во изобилство зашто тие се надеваат на мене.
