Мерилата на нормалното, исфрустрирани од „нормалноста“ стануваат одредници на вкусот на еуфоричниот пазар на размена на мириси и тела. Во котелот на страсното подгревање се крчка голема мешавина од „квалитетен“ отпад. Џанк систем на постмодерна пародија, кога се оди со се, кога вредносниот систем преживува на границите на моралниот и естетскиот хаос. Украсите на просторниот елемент даваат светкава позадина на празното потрошувачко самоволие. Човекот среде бучната врева ја испраќа тажната насмевка во пресрет на подлабока тага. Зашто ниту мигот, ниту денот, не ја одредуваат слаткоста на радосниот вкус на духовните плодови, но на само одлучноста да се застане и вкуси длабокиот спокој. Во вредноста лежи тежината на личниот повик, но и на туѓото видување на истото. Почитта како елемент ги држи вредносни системи во една позиција на одржување здрава критичка темелност. Во спротивно имаме едномислие на продажба на плитки вредности заради немање вредност. И сето со тоа со удар на агресивниот тиранин кој се покажал навидум силен, но (не)умен. А умноста е последното прибежиште на човекот, според Ниче, и дали тоа бара да се замисли носителот на идните патокази на личниот и колективниот напредок? Зашто за истиот голем автор, убавината не е случајност, таа е краен резултат на акумулирана работа на поколенијата и во тој случај човекот направил огромни жртви за добриот вкус и го втемелил како главен принцип во изборот на добро друштво, место, облека, задоволство. Човекот кој е распуштен ја убива и сцената на својот суд и воедно самиот се осудува. Иронија сама по себе, за човек самотник без опкружување, без пошумен став на одлучност. Слика на мало општество, полно индивидуи, во буката на своите помисли, постапки и судови, самотно и сиромашно ги спроведуваат невкусните избори на тлото со историска големина. Во тој миг, влетува емотивната зрелост и силниот вредносен систем на индивидуата и се обидува да ги отвори портите на хибридниот простор во кој повеќе не постојат т.н. чисти култури. Зашто културните идентитети се градат по пат на постојано преговарање и размена, културна различност и трансформација. И немаме повеќе хомогени номади, но хибридни патници кои слават околу интеркултурната елка во транснационални услови. Без притеснување ниту во себе, ниту вон себе. Да се надеваме дека во слаткоста ќе се препознаеме, каде и да сме, а горчливоста како патоводилка ќе не одржи во истрајноста да успееме.
