You are currently viewing ИГРАТА НА ВЕЧНОСТА

ИГРАТА НА ВЕЧНОСТА

Секое нешто на синото небо го очекува светот што не е зачнат и секој се огледува во другите. Ништо нема мрачно и светлината е осветлена од светлина. Сите се насекаде и се е се. Минатото е во својата сегашност, исто како и иднината и пребиваат во среќата на залезот кој се вика Вечност, – вака живее имагинацијата на читателот кој го дели мигот од привидно вчера до привидно утре зашто игра со времето. Плови по неговите замислени води и води љубов со Љубовта на своето битие. Дали таа ги прекршува физичките граници на можното и пребива во прегратките на вечноста е прашање на личниот опит, но се повеќе верувам во нејзината бесмртна материја, која или нуди силно уживање или мачно страдање помеѓу засегнатите.  Така запишал Ниче во далечната 1883 година: „Овој бавен пајак што се влече на месечевата светлина и истата оваа месечева светлина, и јас и ти што шепотиме на портата, што си шепотиме за вечни нешта, зар веќе не сме коинцидирале во минатото? И нема ли да се сретнеме повторно по долгиот пат, по тој пат, треперлив пат, нема ли вечно да се сретнуваме? Така зборував јас, и со се потивок глас, зашто ме плашеа моите мисли и моите отаде мисли.“ И се надевам дека ќе би средбата таму во времето, постојана и убава, како и допирот на прекрасната игра на Кантор со прекрасната игра на Заратустра иако се покажал смртоносен за едниот. И жртвата направена во светот во име и чест на Единствената е некако оправдана и достоинствена зашто во себе ги носи и времето и просторот, и мигот и вечноста.

Buy Me a Coffee