You are currently viewing ТИ БЛАГОДАРАМ, ЖИЗЕЛ

ТИ БЛАГОДАРАМ, ЖИЗЕЛ

Лудилото на светот лежи во една сосем друга сфера. Меѓутоа кога зборуваме за лудилото на изразот можеме да талкаме низ еден херојски свет на сонувачи, патници, гангстери преку громогласните улици на градот, низ морињата на тивките пловидби, низ страшната Америка и големата Русија. Мелодија пресретната од умерена логичност и извесна апсурдност, на платното на сценската просторност во која идеалната утопија ги храни младите гладни умови. За некои непознаница, за други начин на воскресна радост. Лично, хранливите брегови беа оформени зад мрежната преграда на дадениот инспициент крај одаите на романтичната Жизел, или ориенталните харемски платна на фантастичната Зарема, лудата љубов на Ромео и Јулија, страсната колоритност на Китри, бестрашната Мехмене Бану и илјадници други животни другари на едно девојче. Коридорот сонливи ликови течеше и течеше како најубавата непредвидливост на Рио Гранде. Тие и сеуште се присутни при секоја средба и на сите наративни престрелки на човекот со човек. На мојот човек со твојот. Јас поинаку не гледам на техничкиот живот, единствено низ призмата на романтичните очила на постановките кои бурно садеа умствена ораница.
Можно ли е да се претопи креацијата во сувопарен вокабулар на реалноста со материјал кој ги држи поетите или сонувачите во длабока сенка? Дали таа слобода вистински го ослободува уметникот од неговата потреба да измисли нов говор или високо организирани односно неорганизирани дела на бесмртната архитектура? Можно ли е да се живее во грандиозниот потфат на чисто рационални зделки на разменети монети, а духот на поводник во аголот на нашата отапеност? Дали е тоа живот, дали е тоа единственото нешто помеѓу застрашувачката смртност и бесмртната вселена кое ни варди место под жалната врба?
Сите овие прашања се небитни кога со само еден рефлектор се осветлува реалноста, опиена од мирисот на големите почетоци во темно сината сала на една приказна. Мојот светоглед спие во театарско богатство во кое надворешноста е само место на размената. Набљудувам во светлината на денот во постојано нов облик, при шумот на иднината, гласам за театарот. И покрај облогот, наспроти течението, ја имаш мојата вечна наклонетост, Жизел.

Buy Me a Coffee