Прибежиште за бесконечниот пат на душата носи збор кој е во директна земна врска со личните постапки. Тој еден единствен збор го носи сиот свет со сите негови точки низ еден жив перманентен развој на човечката градба која најчесто не се прикажува каква што е, но каква би сакала да биде. И не смееме да живееме како хипертрофирано чедо без капка ефект или учество во граѓанската уметност. Уметноста во современиот свет станува бездомна, со расколот на вредностите, се распаѓа и светот онаков каков го познаваме. И злото се јавува да владее во сите свои форми и појави, а човекот растргнат стои меѓу уништувачки и обновувачки сили и се бори со суштинските не-вредности благодарение на чудната способност на душата која својот облик на изразување го обновува низ регенеративен хуманизам и нов вредносен систем. Вредности кои не значат моќност или бесмртност, но културно однесување за пресоздавање на светот во ново руво, со нов одраз и облик на бои, тонови, зборови, како синтагми на стварноста, фантастични и реални. Но, кои чекори се преземаат во склоп на една битка, било каква, за вредности? Од противударот на злото секој поединец се прашува: „Што треба да направам“?, – етичкото се обраќа на естетското, а естетското на човечкото односно на неговата трошливост и распадливост која бара од нас да се засолнеме во самото убаво, каде и да го пронаоѓаме според зборовите на Херман Брох во Духот на времето. Колку и да се раскинати вредносните подрачја повторно се создава нов органон и нова потреба да се верува, нова религија за човек, збор или убавина. Минатото и иднината се сретнуваат во домот на една копнежлива душа која никако не може да го напушти нејзиното предворје и која ја калеми длабочината на човекот, на онаа стара човечка ревност, силно спротивставена на празноверните поместувања и пророкувања на среќа.
Но, дали ќе појдеме заедно по патот, иако се рушат последните познати сеќавања зависи од вредносната победа на копнежот кој тивко не поместува кон одлуката да промениме. Така, не верувај на очите, често лажат, верувај на она другото кое секој ден посочува за вистината на потребата. Копнежот на самата смисла. На новиот темелен пат на кој филозофијата на постоењето започнува со бакнеж. Поубава битка, здравје.
