You are currently viewing СЛУХОТ НА СМИСЛАТА

СЛУХОТ НА СМИСЛАТА

Дури животот да и претходи на филозофијата, кога егзистенцијата стои наспроти интелектот, кога благодарноста се заменува со послушноста, на битието сепак ќе му недостасува променливоста. Праксата на одбивањето да учествува другиот, индиферентноста, чекањето наспроти движењето претставува универзална алегорија како патот на Одисеј чијашто авантура е постојано враќање кон родниот остров, самозадоволство и грижа за едно исто (Емануел Левинас, Смислата и трудот).

Затоа важно се прашуваме, дали мораме да се откажеме од знаењето за да стигнеме до смислата? Дали слепата ориентација го блокира човековиот напредок кој се ситуира и ориентира кон затворените значења на едногласност и не слобода? Зашто слободниот човек ужива во постојаното движење од една перспектива кон друга, со силен и мотивиран труд го убива егото заради бесмисленоста на своите последователни постапки. И секогаш мисловниот труд бара великодушност во движењето од првата точка до втората точка, на истото место во друго време. И се разликува од играта помеѓу двајца играчи заради чистиот трошок на идентитетски  докажувања зашто животот не е само нихилистичко хранење со неуспеси и утехи. Заминувањето на личноста, без враќање е празно зачекорување во еден загубен личен триумф како еднонасочно движење на дефицити и компензации, и сметководствени операции каде единствено трпеливоста на заедничкиот живот се провлекува низ идејата за Ветената Земја според она што тој самиот си го има ветено себеси. Триумфот на трудот не е игра и пресметки, не е лична смртност и жртва, не е живот во време без живот, не е целесообразност кон време отаде моето време, без надеж за себе или ослободување од своето време. Трудот е апсолутна ориентација на секој зрел човек со великодушен мотив, трпелив, доминантен и внимателен со другите „дела“ и етиката на љубење. И затоа потребен е посебен труд да се прошеташ со чист образ низ костимски проби на светското лудило.   Тоа подразбира едно свесно Јас која не ја одбегнува одговорноста иако целата градба се потпира на сопствените раменици, нејзината единственост се потврдува со гаснењето на империјализмот и егоизмот и само таа може да одговори за врската меѓу Јас и другиот како идеја за бесконечност, а идејата се желбата и гладот за светлина која таа ги нуди. И нема место повеќе ниту за едниот ниту за другиот да се вратат назад или да се сокријат длабоко во себе, но да излезат јасно утврдени во сопствената смисла зашто тоа е вистинскиот труд и подвиг да се застане исправен пред Доброто, со сета своја вистина и свест.

Buy Me a Coffee