You are currently viewing МОЕ ИЛИ ТВОЕ?

МОЕ ИЛИ ТВОЕ?

Штајнбек запишува добра мисла: „Кога вирусот на немир ќе почне да обзема некој своеволен човек и патот што води надвор од Овде се чини широк и прав и сладок, жртвата мора прво да си најде добра и оправдана причина за патување (…). Секое патување има своја личност, свој темперамент, индивидуалност и оригиналност (…). По години борба откриваме дека не го водиме ние патувањето, туку дека тоа не води нас (…)“.

Дали нашиот дом го носиме во себе и дали тоа огниште стои непроменето единствено во нашите родољубни очи? Зашто како што ветерот е променет и наравот, и естетиката на старите домови, така и нашата потрага по познатата топлина станува своевиден крик за животот, донкихотовска битка со авторитети, со сеништа, или со сопственото исплашено, конзервирано јас, според зборовите на Прокопиев и уште прашува, „дали во денешниов свет сеуште постојат дон Кихоти?, – во политиката, Ве уверувам, одамна не“.

Потребата да се вгнезди човекот крај своето дрво е една возвишена мечта која стои наспроти суровата и кална реалност. Поле поделено на непомирливи страни, бескраен фронт на бесплодни натегања и те како го бара дон Кихот да го одбрани светот од неморалот и неслободата. Донкихотизмот нурка во сите времиња, ситуации и простори преку идејата за слободоумниот рицар кој го боде небото со своето копје и неговиот помошник кој е поблиску до земјата и нејзините богатства. Исто како и секојдневните талкања меѓу земното и небесното патување на поединецот според однапред определена патека. Таа уметничка меморија во животот е потребна за да ги декодираме закржлавените предиспозиции на богатиот дуализам на нашата природа и да го рехабилитираме човечкиот храм на битисување преку креација на жива подвижна библиотека во домашната кошничка. Тоа е обидот да се врати радоста преку кристализиран книжевен, уметнички, и стариот добар боемски живот.

Затоа предлог: да нурнеме во водите на хармонијата, да се сплотиме со благосостојбата меѓу горната и долната земја, и преку патувањата низ традиционалните и модерните енциклопедии да стигнеме до сета постојна потенцијалност. Таму на изворот на животот,  да се почестиме со Нектарот на радоста. Ниту мое, ниту твое,  нека биде наше.

Buy Me a Coffee