Време на презир кон зборот. Јазикот на кој луѓето се разбираа сосема се изгуби, бликаат недоразбирања и конфликти од недореченост. Никогаш порано во западноевропската историја не бил толку погазен зборот, и заради јазична различност или судир на вредносните системи на културните традиции. Никогаш посилна не била тишината на забуната. Единственото средство кое се користи за комуникација е средството за моќ и укажување сила. И колку повеќе е осквернат зборот толку повеќе човекот е фрлен во примитивните одаи на груби звуци и гладен презир. И да се разбереме земската врева нема ништо со нормално формулиран говор кој ги црта контурите на меѓусебната потреба за поддршка и разбирање. Така темнината го зема својот данок помеѓу послушниците на слаткиот американизам преку слобода на оковани грди реизданија на ликови кои не се деца на човекот. Ситуацијата бара да молчиш и да слушаш. Но, што? Моќта на владеење на Западот кој нуди одредени соништа и забавни игри за тепање време, „кој го има“. Егзистенцијалната тегобност, резултат на лошата вера станува слатко-горчлива игра во која смеата ја губи својата вистинска намера, за разведрување широки народни маси. Напротив големата трагикомичност на животот интензивно раскажува наратив на ѕиркачот кој следи, без дејство. Не дај боже, да треба да изразиме љубовен говор во несфатливото заспивање на духот од ден во ден. Тоа би било вистински предизвик за сите поспани учесници во трансформираниот свет, односно целата светска популација која е во длабок сон уште при изгревот. Имагинацијата станува молчалив адут сега кога јазикот е лабилен, а човекот чуден.
Паднатата природа си го направи своето уште пред нашето време. И змијата, а богами и жената измамија доверба.
